Вести
Со новогодишни капи докторите од Детската клиника ќе им ја разубават новогодишната ноќ на дечињата
Магазинот Популарно.мк и маркетинг агенцијата ПопуларноПР заедно со софтверската компанија „Ассеко“ овие празници решија да ги израдуваат дечињата од Клиниката за детски болести во Скопје.
Во хуманата празнична акција беа донирани играчки, боенки, боички и постелнини, како едни од најпотребните ресурси кои оваа болница ги немаше за празниците. Дополнително, беа донирани и новогодишни капчиња кои докторите и сестрите од оваа клиника ќе ги носат за време на новогодишната ноќ.
– „Ваквиот начин на психолошка терапија се применува низ светот, навистина ви благодариме за донираните капи, ќе биде убаво за дечињата да ја почувствуваат радоста и магијата на празниците, кои за жал мораат да ги поминат на нашата клиника, а докторите и сестрите ќе помогнат во тоа. Капите ќе бидат поделени во сите одделенија и докторите и сестрите ќе ги носат за празниците.“ – изјави Кети Ставриќ, директор на Детската клиника во Скопје.
Таа потенцира дека граѓаните, компаниите, владиниот и невладиниот сектор треба да се хумани во текот на целата година, а не само за празниците.
– „Упатувам апел до сите оние кои се сетија на нашата клиника и на болните дечиња кои овде се лекуваат, ваквите хумани акции да не се случуваат само за празниците, туку низ целата година. Било да е тоа некоја претстава, анимација со некој цртан лик или пак обична посета, тоа придонесува во поттикнување на храброста кај дечињата и прави чувство дека некој навистина се грижи за нив.“ – додава таа.
Од магазинот Популарно.мк изјавија дека соработката со детската клиника продолжува и понатаму, а веќе се планирани поголем број на активности.
– „Нашата општествена одговорност како медиум и бренд не застанува тука. Во месец март, кога се одржува еколошката акција „Часот на планетата Земја“ ќе бидат засадени дрва во паркот околу клиника, што е исто така една од потребите кои ги има Детската клиника, а ќе бидеме активно вклучени и во уредувањето на самиот влез. Убаво е некого да израдуваш во овие празнични денови, а особено децата, оние кои најмногу се радуваат на празниците. Како што вели нашата новогодишна честитка – овие празници магијата е во вашето срце, само верувајте!“ – изјави Ѓорги Селков, сопственик на брендот Популарно.
Дополнително, средствата од буџетот за новогодишна промоција и рекламен спот биле целосно пренаменети за донации и хуманитарни акции.
Од компанијата „Ассеко“, пак, велат дека ваквите акции се дел од дејствувањето на интернационалниот бренд „Ассеко“ и ќе продолжат и во иднина да се вклучуваат во хумани акции како општествено-одговорна компанија.