Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Собранието ја избра преодната влада за спроведување на изборите

Актуелно

Собранието ја избра преодната влада за спроведување на изборите

Собранието на Република Македонија попладнево ја избра преодната Влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Нов министер за вантрешни работи е Оливер Спасовски, а Фросина Ташевска Ременски е министер за труд и социјална политика. За Спасовски гласаа 95 пратеници, а двајца беа против. Ременски, пак, доби поддршка од 94, а против гласаа двајца пратеници.

Пратениците ги избраа и новите допоплнителни заменици министри. Оливер Андонов ќе биде дополнителен заменик министер за внатрешни работи, Диме Спасов за труд и социјална политика, Кире Наумов за финансии, Александар Кирацовски за информатичко оптество и администрација и Љупчо Николовски за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На почетокот на седницата беа констатирани оставките на досегашните министри за внатрешни работи Оливер Андонов и за труд и социјална политика Диме Спасов.

Премиерот Емил Димитриев, образложувајќи го предлогот за министри, рече дека очекува од сите членови на владата висока посветеност и да работат совесно и одговорно.

– Сите членови на Владата треба да покажат лидерство во насока на помагање на институциите кои се надлежни за спроведување на изборите сметајќи дека крајно време Република Македонија да ги организира овие избори и преку една фер и демократска атмосфера да се избере новата влада, истакна Димитриев.

Тој додаде дека главен фокус на новата влада треба да биде организирање фер и демократски избори кои никој не ќе може да ги оспори и кои ќе претставуваат крај на политичката криза.

– Со поглед на тоа што владата за спроведување на избори и од аспект на надлежностите и од аспект на персоналниот состав претставува прилично комплексен орган, очекувам од сите членови на владата без разлика на нивната политичка припадност, висока посветеност кон овие приоритети и висок државотворен капацитет на сите поединци, потенцира Димитриев. Тој изрази очекување дека министрите и замениците министри во секојдневното работење ќе имаат коректна соработка наместо, како што посочи, конфликти како што имало во изминатиот период со цел да дадат максимум во ресорот кој го водат за да се одржат изборите и да се врати државата во нормален колосек.

Премиерот Димитриев посочи дека во следниот период треба да продолжат и проектите кои се од интерес на граѓаните како што се оние за намалување на невработеноста, отворањето на нови работни места и одржувањето на контактите со потенцијалните инвеститори. – Можам дека ве информирам дека за краток период ќе имаме многу убави вести на ова поле, рече Димитриев.

Не помалку важно прашање, според Димитриев, е и започнатиот процес на реформи согласно препораките од меѓународните фактори.

– Сметам дека политичката криза во Република Македонија е при самиот крај и убеден сум дека организрањето на изборите и формирањето на нова политичка влада ќе значи нова перспектива за граѓаните во Република Македонија, нагласи Димитриев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески рече дека предлозите што ги дава опозицијата се нивни влог во обезбедување на слободни, фер и демократски избори.

Тој порача дека изборите мора да бидат фер и демократски и потенцира дека е убеден оти нивните минбистри и заменици министри ќе направат се во претстојните 100 дена максимално да се исполнат сите минимум предвидени услови за изборите.

– Свесен сум дека овој пат којшто  треба да се изоди е многу тежок и макотрпен. Знаеме дека во овие 100 дена повторно ќе има нечесни скриени намери, меѓутоа со учеството на нашите министри и дополнителни заменици министри се што ќе биде нечесно, ќе биде разоткриено. Ви тврдам дека на 11 декември во РМ ќе се одржат избори и на нив ќе победи Македонија, не Груевски, туку Република Македонија, рече Сугаревски.

Осврнувајќи се на кризата во државата во последните две години рече дека она што опозицијата го зборувала се потврдило во бомбите и оти Специјалното јавно обвинителство е формирано да ги испита сите сомнежи искажани во т.н. „бомби“.

Во реплика пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ побара конечно во Македонија да се случат избори.

– Дајте конечно да видиме избори во Македонија. Две години правите бај-пасови да ги избегнете изборите. Не се чувствуваме добро кога овој законодавен дом ќе се распушти па повторно треба да се собере. Граѓаните не ги радува тоа, рече Ѓорчев.

Тој му порача на Сугарески дека за еден месец СДСМ ќе има огромни проблеми, бидејќи, како што рече, ќе треба да им каже на општинските организации  дека  нема добитни места на листите за нив зашто треба да ги даде на ЛДП, Шарената револуција, Мухамед Зекири,….

– Со сета ујдурма што ја направивте ефектот ќе ви биде да ги мотивирате граѓаните да излезат на избори и да ве победиме со повеќе од 250 илјади гласови разлика, рече Ѓорчев.

Неговиот сопартиец Крсто Мукоски рече дека не е никаков проблем ниту изборачкиот список, контролата на медиумите, работењето на СЈО, туку стравот на СДСМ да излезе на избори и да се соочи со народот.

– Се сомневам дека на 11 декември ќе излезете на избори и верувам дека повторно ќе се обидите да ги избегнете. Доколку излезете на избори народот ќе ви покаже дека вашиот аболициран претседател мора да замине во историјата. Ќе ги загубите посилно отколку во 2014 година бидејќи во изминатиот период по секој основ ја рушите државата, рече Мукоски.

Во контра реплика Сугарески порача дека на 11 декември ќе одат на избори за да се казни се што направила власта доега.

– На 11 декември повеќе од сигурно ќе одиме на избори за да не дозволиме да се случува она што се случуваше досега, рече Сугарески.

Реплицирајќи на говорот на Сугарески, пратеникот Амди Бајрам рече дека шест месеци слуша „разни циркуси“ и оти на 11 декември народот ќе ги казни.

– Народот знае за кого гласа и  гледа колку сте придонеле кога сте ја воделе државата и и ќе ве казни на 11 декември, рече Бајрам.

Според независната пратеничка Роза Топузовска Каревска, не е исполнет ниту еден од условите што ги барала опозицијата за организирање фер и демократски избори.  Топузовска Каревска рече дека не се исполнети барањата за техничка Влада, за одвојување на партијата од државата, за регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата во јавниот сервис, за допрецизирање на изборното законодавство и за прочистување на Избирачкиот список.

Се уште, оцени, нема слобода на медиуми и сеуште има самоцензура кај новинарите.

– Избирачкиот список според опзоицијата ќе се прочисти со бришење на 20.000 гласачи од кои не повеќе од пет илјади македонски гласачи. Зарем тоа е прочистен Избирачки список? Јас сум од оние кои не веруваат дека на 11 декември ќе имаме фер и демократски избори затоа што ниту еден од условите што ги бараше опзоицијата не е исполнет, рече Топузовска Каревска, потенцирајќи дека  јавноста не знаат што потпишале лидерите но оти се надева дека по 11 декември сликата ќе се промени во интерес на граѓаните на РМ

Реплицирајќи Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се согласува со Топузовска Каревска дека најголем дел од сите услови не претрпеле скоро никакви промени што, според него, јасно покажувало оти целта на опозицијата цело време не била да се создадат услови, туку влада без избори. – Се само за едно, да се влезе во Владата без избори. После денеска се надевам дека на РМ и останува последната фаза во завршување на оваа агонија и криза која ја успори Македонија во сите сфери, а особено во економијата и инвестиците, рече Аврамовски.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ порача дека е битно како политичари да пробаат да ја стабилизираат состојбата во државата и истакна дека е тешко да се успее во тоа затоа што, како што рече, си имаме работа со несериозни луѓе и со несериозна политичка партија која освен со деструкција, рушење, газење, негирање и ширење омраза не прави ништо друго и не успева.

Клучно е, смета Димовски, ден побрзо да се ослободи економија од последиците и грчот од политичка криза. – Проектиравме раст од 4,5 проценти, а имавме  раст од 3 проценти,  проектиравме поголем раст на извоз, а имавме извоз од 25 проценти, проектиравме многу позабрзано намалување на невработеноста, имаме намалување но не е доволна и онолку  колкушто беше возможно, проектиравме поголем број странски  инвестици, остваривме одреден број, но недоволно. Сето тоа е последица исклучиво на тешката политичка криза и нестабилност на институциите, рече Димовски.

Трето и битно, додаде, е да обезбедиме услови за фер и демократски избори. – Тука да бидам јасен, апсолутно не мислам дека кои било избори во изминатите две години не биле фер и демократски. Но, сега целта ни е да бидат условите такви за и кога  СДСМ на 11 декември вечерта ќе се жали дека не се фер и демократски и  најголемите поддржувачи на СДСМ во медиумите да немаат лице и образ да го бранат она што СДСМ официјално ќе го зборува, рече Димовски.

– Сето тоа ќе го издржиме и ќе се справиме со него, се  со цел на деструктивни лица кои имаат чудни и сомнителни врски со лица кои се верски радикали да не им дозволиме понатамошна дестабилизација на состојбата во РМ и понатамошно закрвување меѓу граѓаните,…, рече Димовски, кој нагласи и дека на изборниот список нема спорни гласачи во изборните единици каде што ВМРО-ДПМНЕ освојува најмногу пратенички места.

Во реплика Љубомир Јосифовски од НСДП му порача дека во секој говор шири омраза и оти само првите две реченици му се културни.

– На 11 декември ќе има избори и ќе ви се случи народ, рече Јосифовски.

Согласно договорот меѓу лидерите на четирите најголеми парламентарни партии, преодната влада се избира на 100 дена од изборите.

На 100 дена пред изборите, според меѓупартискиот договор, треба да биде назначена и Санта Аргирова за главен и одговорен уредник на МРТВ.

Со консензус беше избран и Љуљзим Хазири како петти член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, која исто така ќе работи до крајот на изборите.

Претходно, беше прочистен и Избирачкиот список од гласачи кои имаа спорни записи.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.