Вести
Спасени шестмината скијачи кои се изгубија на Попова Шапка
Нивното исчезнување вчера околу 17:30 часот во Полициското одделение Попова Шапка го пријавиле 30-годишниот Ф.Р од тетовското село Лисец и косовскиот државјанин М.З.
Шестмината скијачи, од кои двајца косовски и четворица македонски државјани, околу 14 часот и 30 минути со жичница се искачиле на „Церипашина“ и потоа се спуштиле по патеката Јелак. Но, поради густата магла залутале и се изгубиле во непознат шумски предел, два километра северно од месноста „Шипковачки бачила“, над селото Вешала.
Веднаш е организирана потрага и околу 21 часот сите се пронајдени живи и здрави во месноста „Студорек“, во близина на „Шипковачки бачила“, и со ратрак се спуштени кон Полициското одделение Попова Шапка, информира МВР.