Актуелно
Спасовски: Ќе бидат поднесени неколку пријави против Спасов
Завршена е постапката и се преземени сите мерки за комплетирање на случајот со две сообраќајни несреќи на 28 октомври годинава, при што недвосмислено е потврдено дека посоченото моторно возило „фолксваген туарег“, со кое се предизвикани несреќите, е управувано од дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов, информира на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој потврди дека се прибрани и разгледани сите доказни материјали од преземените увидни дејствија од страна на Одделението за увиди во сообраќајна незгода и останатиот материјал изготвен од сите службеници кои преземале мерки по случената незгода.
– Врз основа на тоа и сите факти на располагање, ќе бидат поднесени неколку пријави против лицето Д.С. и тоа за напуштање на место на сообраќајна несреќа и непријавување во МВР и враќање на местото до доаѓање на полициски службеник за увид, за непостапување по наредби издадени од службено и униформирано лице и знаци, како и за неприспособување на брзината на движење на возилото кон својствата и условите на патот на начин навремено да го запре возилото пред секоја пречка на патот, рече Спасовски.
Додаде дека се регистрирани и утврдени оштетените контактни делови на патничкото моторно возило „фолксваген туарег“ настанати при двете сообраќајни незгоди и врз основа на што ќе треба да се изјаснат сите надлежни институции.
Министерот Спасовски најави дека дополнително се уште се преземаат мерки во однос на поплаката дадена од Спасов пред МВР.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ги отфрла сите работи дека станува збор за криминално политичка местенка на некој политичар од власта.
Спасовски додаде дека е утврдено оти како сопатник било и лицето Т.К. од кое, како што рече, има своерачно потпишана изјава и дека два часа по случувањата се јавува лицето М.Т. кое се претставува како возач на „туарегот“, кој е пренесен во полициска станица каде дава изјава.
Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека веднаш по ударот на возилото „фолсфаген пасат“ две лица тоа го пријавиле на бројот 192 за што, како што рече, постои аудио снимка од разговорот.