Актуелно
Според неофицијални податоци во земјотресот во Италија загинаа 63 лица
Најмалку 63 лица загинаа и десетици се сметаат за исчезнати во земјотресот со јачина од 6,2 степени по Рихтеровата скала, кој утрово ја погоди Италија, соопштуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на Агенцијата за цивилна заштита.
Италијанската новинска агенција АНСА известува дека најмалку 35 лица загинале во Аматриче, 11 во Акумоли и неколкумина во провинцијата Асколи Пичено.
Спасувачките тимови со булдожери, но и со голи раце копаат низ урнатините во потрага по преживеани, додека локалните власти предупредуваат дека смртниот биланс најверојатно ќе расте.
Градоначалникот на Аматриче Серџо Пирози изјави дека спасувачките тимови се обидуваат да стасаат до 69 селца, во близина на градот.
– Половина од градот веќе не постои. Луѓе се заглавени под урнатините. Куќите веќе не постојат, изјави Пирози.
Полицијата во близина на градот Асколи соопшти дека од под урнатините се слушаат повици за помош, но поради недостиг на тешка машинерија не можат да ги помрднат ѕидовите, соопшти радио РАИ.
Во меѓувреме, и вторичен земјотрес, со јачина од 4,2 степени по Рихтеровата скала ги потресе претходно засегнатите региони. Епицентарот бил во реонот на Аркуата дел Тронто.