Вести
Старнавски се спушти на рекордни 240 метри во пештерата „Врело“ (ФОТО)
Светски познатиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го урна рекордот во длабочина и се спушти 240 метри во подводната пештера Врело на Матка.
Старнавски во придружба на неговиот тим и со поддршка од домашните спелео-нуркачи од клубовите „Акватек“ и „Врело“ од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да ја освои оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен ребридер.
– Матка Врело е извонредна пештера со кристално чиста вода и огромни галерии. Со помош на македонскиот тим нуркачи, предводени од клубот „Акватек“, направивиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и повеќе од 800 метри во должина, после кои утврдивме уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас сум во потрага по најдлабоката пештера во светот, а Матка Врело има голем потенцијал да стане најдлабоката пештера истражена од човек, изјави Старнавски и додаде дека веќе на следната експедиција би сакал да го засведочи овој факт и Врело да стане најдлабоката пештера во светот.
Како што информираат од „Акватек“, минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.
Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции, од кои е истражен само дел од нејзината внатрешност и не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.
– Со уривање на минатогодишниот и запишување на новиот рекорд во длабочина, покажавме дека пештерата продолжува понатаму и нуди многу можности за понатамошно истражување. Задоволни сме од текот на целата експедиција и горди сме што уште еднаш имавме можност да учествувавме во запишување на нова историја за пештерата Матка Врело, вели Даниел Атанасовски од клубот „Акватек“.
Тој додава дека домашните спелеолошки нуркачи уште еднаш покажаа дека се достојни на задачата, што е доволен стимул, вели, за да ја продолжат работата со истражување на подводната пештера Матка Врело.
Освен да се стигне до подлабока точка и да се истражи што поголем дел од пештерата, придобивката, според македонските нуркачи, е голема и за развојот на овој вид туризам и промовирањето на домашните пештерски убавини кои се многу атрактивни за светски признаените спелеонуркачи и спелеолози.