Актуелно
Стартува скијачката сезона на Попова Шапка
Скијачката сезона на Попова Шапка почнува од утре, а традиционално, за сите посетители, скијањето на првиот ден е бесплатно.
Како што соопшти „ЕЛЕМ турс“, во изминатиот период спроведени се сите технички подготовки и активности за непречен почеток и тек на скијачката сезона, а во текот на вчерашниот ден заврши уредувањето и обележување на постојните патеки.
– Нашиот најголем скијачки центар е целосно екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Утрешното скијање започнува во 9 часот наутро, а во функција ќе бидат ставени двете жичници – „Церипашина“ и „Св.Илија“. Од 15 јануари ќе важат вообичаените цени за ски билети, стои во соопштението.
Дневниот билет, кој важи од 9 до 16 часот, ќе се продава по цена од 900 денари, полудневниот билет, кој важи од 12 до 16 часот, е 600 денари, а билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, ќе чини 500 денари. За младите скијачи до 12-годишна возраст билетот ќе чинат 400 денари, а цената на сезонскиот билет останува 10.000 денари.
Хотелските капацитети се подготвени за сместување на гостите. Во моментов на располагање се 120 легла во „Славија“ и 160 легла во „Попова Шапка“, велат од „ЕЛЕМ турс“.