Вести
Студено и сончево за викендот, од понеделник дожд и северен ветер
Најниска температура изутринава во седум часот е измерена во Берово, минус четири степени целзиусови, по што следат Скопје Петровец и Тетово со минус три, Битола, Струмица и Демир Капија со минус два, Лазарополе, Штип и Куманово. со минус еден.
Нула степени се регистрирани во Скопје Зајчев Рид, Прилеп и Крива Паланка, еден во Охрид, Гевгелија и Претор, два во Пожаране, Виница, Маврово и Крушево, три во Тополчани, четири во Ѓуриште и Дојран, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Изутринава е претежно ведро и релативно студено. Во текот на денот ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб ветер од променлив правец. По одделни котлини со слаба магла или заматеност.
Утре сончево со умерена облачност и тивко, по одделни котлини со појава на магла.
Како што најавува УХМР, и за време на викендот продолжува периодот на стабилно и суво време со појава на магла по одделни котлини. В недела ќе биде пооблачно, а кон крајот на денот подрачјето на Македонија ќе потпадне под влијание на влажен бран што во текот на ноќта и во понеделник преку денот ќе услови врнежи од дожд, како и врнежи од снег на планините, па и на некои повисоки места. Ќе дува и повремено засилен северен ветер проследен со намалување на дневните температури.