Актуелно
Судот се уште не одлучил за сметките на „Макпетрол“
Јавното обвинителство не уважува жалби и не носи одлуки за одблокирање на сметки како што тоа беше пласирано во текот на вчерашниот ден, туку како странка во постапката пред Судот само дава предлози, се вели во реакцијата на Основниот суд Скопје 1 Скопје за како што наведуваат, пласирањето дезинформации во јавноста во врска со случајот „Макпетрол“ кои не коренспондираат со правната процедура и законот без оглед дали се пренесени или изворно дадени.
– Ја информираме јавноста дека од страна на Јавното обвинителство доставен е одговор на жалба против донесеното решение на судија на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, во кој одговор се предлага жалбата по однос на опстојувањето на изречената мерка – забрана за подигнување парични средства од сметките во повеќе банки, од обжаленото решение да биде уважена и решението на судијата на претходна постапка по однос на оваа точка да биде укинато. Судот по однос на наводите наведени во жалбата на Макпетрол АД и по наводите во одговорот на жалбата на ОЈО, дополнително ќе одлучува при што се уште не е донесена судска одлука дали сметката ќе биде одблокирана по повод жалбата, се вели во соопштението од Основниот Суд Скопје 1.
Од Судот информираат дека до судија на претходна постапка, доставен е предлог и за следење на платниот промет и трансакциите на сметките на Макпетрол АД Скопје, по кој дополнително судијата на претходна постапка треба да одлучи.
– Основниот суд како и секогаш ценејќи го начелото на легалитет и правилно и навремено информирање на јавноста по донесување на одлуките во врска со конкретниот предмет во законски предвидената постапка со посебно соопштение ќе ја информира јавноста. При тоа истовремено и соопштува на јавноста со резерва да ги прима како шпекулации сите информации за некакви одлуки за чие донесување е единствено надлежен Судот, без оглед дали доаѓаат од институции, медиуми или портали, порачува Судот.
Воедно, со цел запознавање на јавноста со законската норма, се појаснува дека Судот треба да постапи, пред почетокот и во текот на истражната постапка, при што одлука по барањето на јавен обвинител донесува судијата на претходната постапка, а по подигањето на обвинението, Судот пред кој ќе се одржи претресот.
– Судијата на претходна постапка одлучува по барањето на јавниот обвинител веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата на претходна постапка не го прифати барањето на јавниот обвинител без одлагање ќе побара одлука да донесе Советот што е задолжен да одлучува по жалби против одлуки на судии на претходна постапка и против други решенија, се посочува во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.