Во Турција падна снег во јуни
Во неколку турски провинции кои се наоѓаат на брегот на Црното Море, утринава падна снег.
Снег падна во голем број високопланински села во црноморските провинции Ардахан, Ризе и Болу, а популарен скијачки центар на вулканот Ерџиес во провинцијата Кајсери во централниот дел на земјата, е исто така покриен со снег, објави Си-Ен-Ен Турк.
– „Времето вчера беше прекрасно. Се разбудивме наутро – сè беше покриено со снег. Не е зима, туку лето, јуни!”, изјави жител на селото Каврун Јилас, во провинцијата Ризе, пред телевизијата ТРТ Хабер.
Снежна покривка од пет сантиметри има и на планината Улудаг (Олимп) во близина на градот Бурса во западниот дел на Турција.
Турскиот метеоролошки завод предупреди на Твитер за обилни врнежи од дожд низ брегот на Црното Море и ги повика граѓаните да преземат мерки на претпазливост.