Актуелно
Светот ја испраќа старата и ја пречекува Новата 2016
Стотици милиони луѓе во светот вечер на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови,… или во семејна атмосфера во домовите, ќе ја испратат 2015 и ќе ја пречекаат Новата 2016 година.
По примерот на светските метрополи, највеселата ноќ ќе биде пречекана и на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во другите градови во државата.
Во главниот град новогодишната програма ќе почне вечерта, во 21 часот, а граѓаните ќе ги забавуваат Оливер Драгоевиќ, Тамара Тодевска и диџеј. На полноќ ќе има богат огномет.
Програмата за пречекот на Дедо Мраз почнува во 11:40 часот со театарска престава за најмалите, а во 12 часот ќе има спуштање на Дедо Мраз од Триумфалната порта „Македонија“ и негово патување до плоштадот со пајтон и вовче.
Главниот град во пресрет на празниците е украсен со декоративни елементи и специјално осветлување. Централната новогодишна елка која е поставена на плоштадот „Македонија“ е висока 18 метри, и е осветлена со 50.000 светилки, 250 блиц светилки, 100 капки и 60 светлосни фигури, а ќе свети во различни бои.
Во централното градско подрачје се украсени повеќе улици, булевари, плоштади…За украсувањето на Скопје годинава е задолжена фирмата „Линк Медиа Плус“-Скопје, за што се издвоени 10.400.000 денари.
Бендот „Дубиоза Колектив“ и Кирил Џајковски, заедно со T.K. Wonder од 22:30 часот на новогодишната вечер ќе ги забавуваат жителите на општина Центар.
Градските власти и полицијата апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на петарди на новогодишната ноќ. За време на пречекот, во центарот на Скопје ќе има зголемено присуство на полиција.
Новата 2016 година први ќе ја пречекаат жителите на тихоокеанските острови Тонга, Кирибати и Самоа. Последни ќе ја испратат 2015 жителите на Американска Самоа, цел ден по Самоа иако ги делат само 80 километри.