Вести
Светот ја испраќа старата и ја пречекува Новата 2018
Стотици милиони луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови,… или во семејна атмосфера во домовите, ќе ја испратат 2017 и ќе ја пречекаат Новата 2018 година.
Град Скопје ја откажа традиционалната новогодишна прослава што требаше да се одржи на плоштадот „Македонија“ и средствата кои беа планирани за организирање на пречекот, ќе бидат донирани за социјални цели.
Сепак, денес точно напладне на плоштадот „Македонија“ традиционално ќе пристигне Дедо Мраз.
Новогодишна прослава под мотото „Нова Година-нови насмевки“ ќе има на сквер „Јадран“ во организација на општина Центар. Напладне ќе биде организиран новогодишен турнир во шах, а од 21 часот започнува музичката програма со Некст Тајм, Ај Кју, Тамара и Кристина Арнаудова.
Прославата ќе има хуманитарен карактер и средствата ќе бидат наменети за 16-годишно момче кому му е потребна итна операција за пресадување на коскена срцевина во Италија.
Во пресрет на празниците главниот град е украсен со декоративни елементи и осветлување.
Новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ беше осветлена на 18 овој месец во придружба на хоровите од средните училишта во град Скопје, под диригентска палка на Јасмина Беличанец.
Градските власти и полицијата апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на петарди за време на празниците.
Новата 2017 година први ќе ја пречекаат жителите на тихоокеанските острови Тонга, Кирибати и Самоа. Последни ќе ја испратат 2016 жителите на Американска Самоа.