Вести
Светот ја пречека Новата 2017 година
Стотици милиони луѓе во светот синоќа на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови,… или во семејна атмосфера во домовите, ја испратија 2016 и ја пречекаа Новата 2017 година.
Новата година најпрво стигна на далечните острови на Полинезија и Пацификот, а Олканд на Нов Зелан е првиот голем светски град чии жители ја дочекаа 2017 година. Новата година прва стигна и на островите Самоа, Тонга и Кирибати.
Меѓу првите, Новата година ја пречекаа и жителите на Австралија. Повеќе од милион луѓе ја дочекаа Новата година со огномети, кои беа посветени на пејачите Принц и Дејвид Боуви. Седум тони огномет беа лансирани од пристаништето во форма на Сатурн, месечината и ѕвезди во чест на песната „Space oddity“ на Боуви и во спомен на Принц. За новогодишната ноќ беа ангажирани околу две илјади полицајци.
Америка е последниот континент што ќе ја дочека Новата година, поточно жителите на Американска Самоа.
Скопјани највеселата ноќ ја пречекаа на скверот „Јадран“ во организација на општина Центар. Забавата наречена „Град во градот 4“ почна во 22 часот, а на бината се појавија легендарните хип-хоп артисти од САФ, бендот „Филм“ на Јура Стублиќ и „Забрането пушење“.
На плоштадот „Македонија“ годинава немаше организиран пречек за граѓаните бидејќи Град Скопје ја откажа традиционалната новогодишна прослава.
За најмладите, претходно беа организирани театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со детски песни.
Новогодишната ноќ ширум светот беше пречекана под зајакнато обезбедување пред се поради тоа што 2016 година беше одбележана со серија напади. Долгата листа на погодени градови ги вклучува Уагадугу, Истанбул, Орландо, Брисел, Багдад, Берлин, Ница. Во многу од нив нападите беа насочени против толпа народ, поради што безбедносните сили стравуваа во оваа новогодишна ноќ. Сепак, луѓето се собраа синоќа на улиците во Азија, Блискиот Исток, Африка, Европа и Америка.
Но, не сите синоќа го прославија почетокот на 2016 година. Многубројна популација луѓе времето и Новата година ги бележат според свои календари кои имаат корени во нивната етничка и религиозна историја. Таков е случајот со Евреите, Кинезите, Индусите и Муслиманите, како и со повеќе други помали етнички и религиозни заедници.
Така во 2016. Евреите ја слават 5778, Кинезите 4715, Индусите 2074, а Муслиманите 1439 Нова година.