Вести
Телеграма со сочувство од Заев до британската премиерка Меј
Мандатарот за составување влада и претседателот на СДСМ Зоран Заев упати телеграма со сочувство до британската премиерка Тереза Меј и до граѓаните на Обединетото Кралство, по терористичкиот напад во Манчестер во кој животот го загубија над 20 лица.
– Изразувам искрено сочувство до семејствата на загинатите во терористичкиот напад во Манчестер, до државно-владиниот врв и до сите граѓани на Велика Британија. Најостро го осудуваме ужасниот терористички акт во кој настрадаа над 20 лица. Да се посегне по терористички чин, какви што се првичните оценки, врз млади луѓе е зло врз животот, слободата, мирот и спокојот на целото човештвото, стои во телеграмата.
Неопходно е, како што се вели во телеграмата, уште поцврсто и поорганизирано обединување и дејствување на демократскиот свет против една од најсериозните закани на меѓународниот мир и стабилност – тероризмот.
– Граѓаните на Македонија се солидаризираат со граѓаните на Велика Британија. Очекуваме целосно расветлување на терористичкиот акт и соодветна одговорност, се наведува во телеграмата на Заев до британската премиерка Меј.