Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Тензично на границата: Мигрантите го пробија кордонот, ситуацијата повторно под контрола на полицијата и АРМ

Актуелно

Тензично на границата: Мигрантите го пробија кордонот, ситуацијата повторно под контрола на полицијата и АРМ

Дел од неколку илјади мигрантите кои се наоѓаат во пограничниот појас на грчко-македонската граница попладнево го пробија кордонот на безбедносните сили, по што се упатија кон Гевгелија. Во меѓувреме, полициските службеници помогнати од АРМ повторно воспоставија контрола.

Стотиците мигранти кои се пробија низ кордонот се движат кон железничката станица во Гевгелија од каде со вонредни возови треба да бидат транспортирани до граничниот премин Табановце, на границата со Србија.

Во исто време, од Грција и понатаму пристигнуваат мигранти кои со автобуси организирано се носат кон границата со Македонија.

Македонските власти контролирано пропуштаат дел од мигрантите во согласност со можностите на државата за нивен хуман третман, а приоритет имаат ранливите групи, жени, деца и стари лица.

Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека, за жал, фактичката состојба од грчка страна и натаму воопшто не се обезбедува од полицијата, иако станува збор за надворешна граница на ЕУ.

– Ние остануваме единствената жива полициска сила која што ја обезбедува границата и како што и најавивме токму заради хуманиот третман продолжуваме селективно да пропуштаме лимитиран број на илегални мигранти кои што државата практично има капацитет соодветно хумано да ги третира. Ниту една земја барем досега не понудила никакво конкретно решение или да изрази намера лицата кои што се обидуваат од земја членка на ЕУ да влезат илегално во Македонија, не изразила намера да ги прими тие лица и евентуално со нас да се договорат мерки како тие лица би се транспортирале до таа земја членка на ЕУ, рече Котевски.

Macedonian special policemen guard the border as more than a thousand immigrants wait at the border line of Macedonia and Greece to enter Macedonia near the Gevgelija railway station August 21, 2015.  REUTERS/Ognen Teofilovski

Macedonian special policemen guard the border as more than a thousand immigrants wait at the border line of Macedonia and Greece to enter Macedonia near the Gevgelija railway station August 21, 2015. REUTERS/Ognen Teofilovski

Во меѓувреме, денеска, на железничката станица Табановце околу 15 часот пристигна воз од Гевегелија со приближно 500 до 700 мигранти главно од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка. Дел од нив, претежно семејства со мали деца, по кусиот одмор веднаш се упатија кон патчињата кои водат кон илегалните премини кон соседна Србија.

Непосредно до железничката станица Табановце, монтирани се неколку монтажни објекти за одмор.

Инаку, градоначалникот Иван Франгов информира дека на синоќешниот координативен состанок со претставниците на УНХЦР, Меѓународниот црвен крст и повеќе невладини организации и здруженија, со поддршка од Владата биле прифатени дел од барањата на општината за поефикасно справување со мигрантската криза.

– Бројот на превозните средства за транспорт на бегалците кон северната граница е зголемен. Процесот за регистрација на бегалците се забрзува, а со зголемениот надзор над границата и контролираното пропуштање на бегалците во земјата целиот простор на железничката и автобуката станица повторно е функционален, нагласи Франгов.

Што се однесува до барањето на општина Гевгелија за уредување нов прифатен пункт во близина на поранешните објекти на „Винојуг“ Франгов информира дека се почнати активности за расчистување на локацијата и за инсталирање водоснабдителен систем и дека со спонзорство од ЕВН ќе се обезбеди електричен приклучок.

Општината е подготвена да постави и платформа крај железничката пруга за полесно влегување на мигрантите во возовите. Од претставниците на УНХЦР беше најавено дека по инфраструктурното уредување на просторот веднаш ќе се направи план на активности за негово опремување.

Од Црвениот крст информираа дека магацинот континуирано се снабдува со донации од храна и вода и дека дневно се дитрибуираат од 1.000 до 1.500 пакети со храна и вода.

– Ние сме тука да им дадеме медицинска и хуманитарна помош. Дневно имаме меѓу 50 и 200 интервенции во зависност од големината на групата мигранти кои стигнуваат од Грција на железничката станица во Гевгелија, изјави Слободан Митровиќ од Црвениот крст на Македонија.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.