Актуелно
„Транспортер“ нова истрага на СЈО за превозот на ученици во Битола
Специјалното јавно обвинителство денеска на прес-конференција најави нова истрага „Транспортер“ која се однесува на превозот на ученици во Општина Битола, предмет преземен од Основното јавно обвинителство – Битола.
Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи информира дека од прибраниот доказен материјал СЈО има сериозни сомнение дека Општина Битола преку нејзиниот градоначалник Владимир Талески и претседателот на Комисијата за јавни набавки, веројатно плаќале поскап превоз од оној од Токио.
Таа најави дека за вкупно 22 лица постои основано сомнение дека ја злоупотребиле службената позиција за лични интереси и ќе се спроведе истражна постапка против 22 лица, меѓу кои не е и градоначалникот Талески поради помилувањето од страна на Претседателот.
– Против 11 лица до Основниот суд Скопје 1 – Скопје ќе биде поднесен предлог за определување мерка притвор, а во интерес на надомест на штетата предизвикана со овие дејствија, ќе се поднесат предлози за мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана за располагање со истиот. Конркретно забрана за располагање со три стана, 8 патнички и моторни возила и 33 автобуси, најави Фетаи.
Такви мерки, истакна, ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на Битола Владимир Талески. Фетаи информира дека против градоначалникот на Битола се води предистражна постапка и за други коруптивни активности за кои се уште Претседателот не го ослободил од кривично гонење.
Во појаснувањето на кривичните дела напомена дека Талески и претседателот на Комисијата за јавни набавки во договор со директорите на основните и средните училишта во градот и одговорните лица на превозниците Хера турс, Транскоп АД, Џем турс, Боб турс, Џими турс, Беја Хера транс, Лука експрес, Марија транс, Турист превоз, Хера превоз Новка и Гоипеж транс, нанеле огромна финансиска штета за само две учебни години.
Според неа, во сите 81 криминално дејствие извршени на различни начини, спротивни на повеќе закони, константно учествувале битолскиот градоначалник и претседателот на Комисијата за јавни набавки, а останатите лица, рече, се варијабилни.
Во 2009 година Талески донел одлука за јавна набавка за превоз на ученици, средства наменска дотација од Буџетот на РМ. Избраните најповолни превозници склучиле договори за превоз на ученици со директорите на средните училишта, но фактурирале износи значително повисоки од оние понудени и прифатени во јавната набавка. Таквите фактури, појасни Фетаи, биле одобрени од директорите и од градоначалникот Талески. Наплатата била извршена 2012/2014 година, во најголем дел преку цесии. На ист начин биле извршени и кривичните дела во основните училишта.
– Локалната самоуправа на Битола преку градоначалникот превозот на учениците го плаќала и на правните лица за организиран превоз на ученици, но и на транспортните претпријатија кои биле носители на општинскиот линиски превоз за потребите на сите граѓани на Битола, рече таа.
На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство присуствуваат повеќе странски дипломатски претставници во земјава, меѓу кои и амбасадорите на Германија, Велика Британија и на Италија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет и Ернесто Белели.