Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

„Трезор“ нов предмет на СЈО, осомничени три лица од УБК и едно од МВР

Актуелно

„Трезор“ нов предмет на СЈО, осомничени три лица од УБК и едно од МВР

„Трезор“ е најновиот предмет на Специјалното јавно обвинителство што го објави денеска, а се однесува на економски криминал кој произлегува од прислушуваните материјали.

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција информира дека овој предмет се однесува на груба злоупотреба на средствата од Буџетот на Република Македонија за што се осомничени три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи, во врска со набавка на електронско-комуникациска опрема и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија за потребите на 5-та управа при УБК.

СЈО во текот на денешниот ден за сите осомничени од судот ќе побара соодветни различни мерки за претпазливост, а ќе се бара и мерки за привремено замрзнување на имот.

Како што рече Фетаи, тие го оштетиле Буџетот на РМ за 862.045 евра во корист на правното лице ДТУ Финзи ДООЕЛ Скопје.

Во временскиот период од јули 2010 година до крајот на 2012 година првите тројца осомничени ја искористиле службената положба и овластување и за Финзи ДООЕЛ- Скопје прибавиле имотна корист од 577.045 евра, а четвртоосомничениот им помогнал во реализацијата.

Фетаи појасни дека наместо опремата да биде набавена директно од правното лице од Велика Британија, набавката се извршила преку Финзи ДООЕЛ Скопје, каде што од 19.08.2009 година до 03.02.2011 година било лице во крвно сродство со третоосомничениот. Според доказите, информира Фетаи, Финзи ДООЕЛ – Скопје е основано 18.08.2009 година од правно лице од САД, а до крајот на 2010 година кога му е доделена работата од МВР за набавка на опремата, овој правен субјект единствено имал зголемување на основната главнина со 650 илјади евра паричен влог. Овие средства се префрлени од сметката на Финзи САД, отворена во Кипар, на сметката на Финзи ДООЕЛ – СКопје, а истите средства се префрлаат како паричен влог во правното лице Систина Финзи кардиологија.

На 26.11.2010 година, рече обвинителката Фетаи, е склучен договорот со вкупна вредност од 124.293,233 денари со вклучен ДДВ за купопродажба на електронска и комуникациска опрема и обука за нејзино користење, со утврден начин на плаќање. Фактурите од фирмата од Велика Британија за увоз на опремата биле од 89.322,845 денари односно 1.452.403 евра, а „Финзи ДООЕЛ – Скопје“, подвлече Фетаи, ја префактурирало за МВР во вредност од 124.293.233 денари со ДДВ односно 2.021.028 евра. Целиот износ со ДДВ од страна на МВР е исплатен на „Финзи“. – Произлегува основано сомнение дека осомничените прибавиле имотна корист за „Финзи“ од 22.265.449 денари или 362.039 евра, истакна Фетаи.

На 23 декември 2011 година е изготвен анекс на договорот меѓу МВР и „Финзи ДООЕЛ – Скопје“ чиј управител бил починатиот Коста Крпач, за дополнителна опрема во вкупна вредност од 49.265.246 денари.

Вториот анкес на основниот договорот се однесувал за доопремување со подвижен видео надзор и бил склучен 09.07.2012 година со вкупна вредност на анексот од 3.432.309 денари. Финзи ДООЕЛ е изготвила фактура на износ од 17.589.921 денар, иако опремата наведена во фактурата е делумно различна од барањето за доопремување, сепак, рече Фетаи, е целосно исплатен од страна на МВР. Според неа, постои основано сомнение дека осомничените за Финзи ДООЕЛ – Скопје прибавиле имотна корист во износ од 13.221.845 денари или 215.005 евра.

Во временскиот период од јули 2014 до крајот на 2015 година, рече обвинителката, постојат сомненија дека прво и второосомничениот ја искористиле службената положба и овластување и за Финзи ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист во вкупен износ од 17.527.500 денари или 285.000 евра. Четвртоосомничениот и во овој случај постои основано сомнение дека им помогнал со умисла на останатите во релизацијата.

– Постои основано сомнение дека опремата од основниот договор и од двата анекса била нефункционална поради хардверска и софтверска застареност и целосно истечен рокот на лиценците. Но, тоа не било пречка да се побара „Финзи“ да продолжи со одржување на таа опрема. Од доказите произлегува дека оваа опрема во МВР е евидентирана со вредност од 1 денар, а договорот за одржување на таа опрема е приближно 30 илјади евра месечно, појасни обвинителката Фетаи. Додаде оти на 03.03.2015 година помеѓу МВР и „Финзи ДООЕЛ – Скопје, застапувано од Крпач, е склучен договор за услуги за сервисирање, надградување, поддршка на хардвер, софтвер и лиценци за севкупните систем односно каско одржување односно за авансен месечен паушал во износ од по 1.947.500 денари без ДДВ, во вкупна вредност на договорот од 46.740.000 денари без ДДВ.

– Осомничените за Финзи ДООЕЛ – Скопје иако не ја извршила услугата прибавиле имотна корист од 17.527.500 денари или 285.000 евра, изјави Фетаи, посочувајќи дека износот е исплатен авансно деветмесечен паушал заклучно со декември 2015 година. По смртта на Крпач договорот е еднострано раскинат од МВР.

Обвинителката Ленче Ристовска нагласи дека во текот на истрагата предмет на разгледување ќе биде и тоа каде крајно завршиле финансиските средства. Набавената опрема евидентирана во МВР книговотствено за 1 денар, информира таа, не е уништена.

Идентитетот на осомничените лица во овој момент нема да се открива поради заштита – пресумпцијата на невиност, рече таа, по барање на новинарите да се откријат кои се осомничените.

– Со оглед на тоа дека кругот на лицата коишто работат во државните органи и имајќи ја предвид временската детерминираност на дејствијата кога овие активности биле преземни,  многу лесно може да се заклучи за кои лица станува збор и заради тоа нема да даваме дополнителни податоци. Се работи за лица кои во времето на извршувањето на кривичното дело имале високи работни позиции во УБК и во МВР. Немаме информации дека некој од нив не е во државата во моментот, изјави обвинителката Ристевска.

Според неа, сведокот, сега веќе починатиот Коста Крпач, обезбедил, информации како за овој предмет, така и за други предмети.

Подвлече оти не можат во моментот да го соопштат и името на фирмата од Велика Британија од каде е набавена опремата.

На новинарско прашање како ќе постапи СЈО по барањето да се врати обвинителката Катица Јанева во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Ристовска децидна дека специјалната обвинителка ја исполнила нејзината законска обврска со тоа што го презентирала Извештајот за работата на СЈО во изминатите шест месеци и одговорила на голем број прашања.

– Не сме ние тука за да ни се поставуваат ултиматуми. Согласно Законот за СЈО нашата улога е да спроведуваме истраги за содржината на незаконското следење на комуникации, така што законската обврска ја исполни пред Комисијата, изјави обвинителката Ленче Ристовска.

Јанева ќе се појави на пленарна седница на Собранието, исто како што и денеска ќе се јави на седницата на Советот за јавни обивнители.

Ова е шести предмет на СЈО. Досега отвори пет истражни постапки „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“, а поднесе и две обвиненија.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.