Вести
Триесетдневен притвор за Мукоски, Арнаудов и Василевски, куќен за Тарчуловски, Пешевска и Димовски
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, а куќен притвор добија Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, соопшти Основниот суд Скопје 1.
– Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно произнесување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор и му определи мерка куќен притвор, се наведува во соопштението од Кривичен суд.
Против овие неправосилни решенија, како што велат од Судот, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд во рок од 24 часа по приемот на решенијата.
Шестемина пратеници денеска беа на распит пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27 април годинава.
Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
Во петокот, Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.