Вести
Убиено едно лице на парискиот аеродром „Орли“ при обид да нападне воена патрола
Непознат маж е убиен на аеродромот „Орли“ во Париз, откако се обидел да му го одземе оружјето на еден војник, јави дописникот на МИА од Париз.
Инцидентот се случи околу осум часот и 30 минути во јужниот терминал на аеродромот. Напаѓачот дејствувал сам, се фрлил кон воената патрола и се обидел да му го одземе оружјето на еден од војниците, по што се засолнил во една продавнициа на аеродромот, пред да биде застрелан, објасни портпаролот на француското Министерството за внатрешни работи, Пјер-Хенри Бранде.
– Во тек е полициска акција, истакна Бранде, апелирајќи на граѓаните да ги следат инструкциите.
Според медиумите, нема повредени лица, а аеродромот бил евакуиран веднаш по пукањето во еден од терминалите.
Аеродромската зграда е блокирана и веднаш се испратени специјални полициски единици.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ле Ру се наоѓа на местото на настанот.
Аеродромот „Орли“, кој е втор по големина во Франција, се наоѓа на дваесетина километри јужно од Париз.