Актуелно
УХМР најавува пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Во Македонија од пладневните часови почна развој на нестабилна облачност, најпрво во планинските подрачја во западна Македонија, околу Јакупица и крајниот североисточен дел.
– Во моментов поинтензивна нестабилност има во прилепскиот дел, на потегот од Охрид кон Крушево и во североисточните делови. Според радарската слика од Тополчани југоисточно од Прилеп, има појава на невреме со поинтензивни процеси, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
До крајот на денот, на повеќе места ќе се задржи нестабилно време. Ќе биде облачно со поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Локално се очекува процесите да бидат поинтензивни и во форма на невреме со силни електрични празнења, како и појава на град.