Актуелно
УХМР: Обилни врнежи од дожд од вечерва до среда
Од вечерва до среда напладне подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на засилено јужно воздушно струење и на топла и влажна воздушна маса, од кои во овој период ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. И натаму ќе биде релативно топло за овој период од годината, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
УХМР информира дека во вечерните и ноќните часови во западните и во северните делови ќе има повремени врнежи од дожд и услови за појава на грмежи.
Облачно со обилни врнежи од дожд ќе биде утре и во среда кога на повеќе места се очекува да наврнат и над 60 литри на метар квадартен дожд. На места врнежите ќе бидат поројни проследени со грмежи и засилен ветер и во форма на невреме.
– Денес и утре ќе дува засилен повремено и силен јужен ветер чија брзина, пред се на повисоките места, на моменти ќе достигнува и над 70 километри на час. Во среда кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен и ќе предизвика значително опаѓање на температурите на воздухот, поради што на планините на северозапад и на север се очекуваат врнежи од слаб снег, соопшти УХМР.