Актуелно
УНДП: Македонија во категоријата на земји со висок човеков развој
Македонија е рангирана на 81 место од 188 земји во Извештајот за човековиот развој за 2015 година, на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и е во сместена во категоријата на земји со „висок човеков развој“.
Меѓу најзабележливите придобивки се порастот во очекуваниот животен век од 6,8 години споредено со 1980 година и зголемување на просечниот број години на школување за 1,1 години. Како придобивка е наведен и порастот на БНД по глава на жител кој е речиси 24,7 проценти зголемен во однос на 1990 година.
Од земјите во регионот Словенија се наоѓа на 25 место, Грција на 29 место, Хрватска на 47, Црна Гора на 49 место, Бугарија на 59 место, Србија на 66 место, Босна и Херцеговина на 87 место и Албанија на 89 место.
Во 2015 година, на врвот на листата се Норвешка, Австралија, Швајцарија, Данска и Холандија, а на дното се Нигер, Централната Африканска Република, Еритреја, Чад и Бурунди.
Во Извештајот земјите се оценуваат согласно индексот што ги комбинира мерките за доход по глава на жител и здравствените и образовните достигнувања.
Во Извештајот за човековиот развој за 2015 година, се апелира до владите да дејствуваат веднаш за никој да не биде исклучен од светот на работата кој брзо се менува.
– Извештајот ги охрабрува владите да ги земат предвид различните видови на работа, како што се неплатената нега, доброволната или креативната работа што се исто така важни за човековиот развој. Бенефити од работата навистина ќе можат да се искористат за одржлив развој, само доколку се има предвид поголемата слика, се вели во извештајот.
Се посочува дека со подобри резултати во здравството и образовнието и намалувањето на екстремната сиромаштија, две милијарди луѓе се извлекоа од ниските нивоа на човековиот развој во последните 25 години, се вели во извештајот. За да се зачуваат овие придобивки и да се поттикне понатамошен прогрес, потребно е да се посвети поголемо внимание врз концептот на пристојна работа.
– Потребни се нови политики за да им се помогне на 830 милиони „сиромашни вработени“, коишто живеат со 2 долари на ден, 200 милиони луѓе, вклучително 74 милиони млади, коишто се невработени и 21 милион коишто во моментов се на присилна работа, стои во извештајот на УНДП.