Вести
УСЛОВ ЗА НОВИОТ МАНДАТАР: Прво доказ за мнозинство, а потоа мандат за влада
Мандат за состав на новата влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието.
Ова го изјави вечерва претседателот на државата Ѓорге Иванов по консултациите со лидерите на политичките партии кои освоија мандати во Собранието на Република Македонија.
– По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија, рече во обраќањето Иванов.
Тој нагласи дека решил да направи консултации со надлежни институции и политички партии, чија цел, е вели, да ги сподели неговите видувања, да ги слушне размислувањата и ставовите на соговорниците, не само за приоритетите и државните интереси, туку и за излез, не само од политичката, туку и од она што, како што истакна, се повеќе наликува на уставна и институционална криза.
Според него, изборите не довеле до излез од две и пол годишната политичка криза која, како што рече, наместо конечно да почне да се разрешува, влегла во нова фаза. Во однос на одлуката за доделување на мандатот за состав на новата влада рече дека ја темели на Уставот и членот 90.
– Изминатиов период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот. Секој го толкува онака како што сака или како што му одговара. Јас како Претседател, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија. А Уставот на Република Македонија ја одразува нашата автентична, македонска реалност. Не само што не може да се толкува според нечии партиски желби и интереси, туку според Уставот се мери се друго. Членот 90 од Уставот е јасен: „Претседателот на Република Македпнија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“, рече шефот на држвата.
Според него, не случајно уставотворецот предвидел само еден член во Уставот – тоа е Членот 90, а намерата на уставотворецот кој не ги уредил во детали можните постапување на Претседателот во вакви или слични ситуации, значи дека му дава слобода во делувањето и проценките на Претседателот на Република Македонија.
– Го искористив уставното право и обврска. Водејќи се од словото на Уставот, и по извршените консултации, на 9 јануари 2017 година мандатот му го доверив на господинот Никола Груевски. Со тоа го испочитував Уставот, но истовремено останав доследен и на досегашната практиката, рече Иванов.
Тој ги искажа и очекувањата од оние што ќе формираат влада.
– Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија, рече претседателот Иванов.
За време на консултациите, додаде, се разговарало за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието, при што нагласи, сите опции остануваат отворени.
– Но, што и да се случи, ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Кога ја презедов функцијата Претседател на Република Македонија, дадов свечена изјава пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Од таа моја заклетва не мислам да отстапам ниту сега, рече вечерва во обраќањето претседателот Иванов по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој денеска имаше одвоени средби и со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и на Алијансата за Албанците Зијадин Села. Изјави по консултациите дадоа Ахмети и Заев.
На консултации со претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, биле поканети и претставници на ДПА.