Актуелно
Викендот во Скопје 33 сообраќајки со 30 повредени
Сообраќајната полиција викендов на подрачјето на Град Скопје изврши увид на вкупно 33 сообраќајни незгоди од кои во четири со потешки повреди се здобиле четири лица, во 17 полесно се повредени 26 лица, а 12 поминале само со материјална штета.
Во петок, на 5 септември, извршен е увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди. Од нив, шест се со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле шест лица, двајца возачи на патнички моторни возила, двајца сопатници, еден велосипедист и еден мотоциклист.
Случена е и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден пешак, а со телесни повреди се еден возач на патничко моторно возило.
Во сабота, на 5 септември, извршен е увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди. Од нив, две се со последица материјална штета и шест со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило, тројца сопатници, двајца пешаци, еден возач на мотор и еден мотоциклист.
Случени се и три незгоди со последица тешка телесна повреда во кои со тешки телесни повреди се здобиле еден пешак, еден сопатник и еден патник во автобус, а со телесни повреди се здобиле еден пешак и еден возач на патничко моторно возило.
Во недела, на 6 септември, извршен е увид, исто така, на вкупно 11 сообраќајни незгоди. Од нив, четири се со последица материјална штета и седум со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило, тројца сопатници, еден пешак, еден возач на мопед и еден велосипедист.
Викендов од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 39 возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, 18 возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, 17 возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и 11 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор. Преземени се и 39 мерки по прекршоци кои најчесто ги чинат возачите на велосипед, мотор, мопеди и мотоцикли.
Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 92 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
По повод Денот на независноста на Република Македонија – 8 Септември во тек е третиот ден од меѓународното мото рели, односно учесниците ќе се вратат во Скопје на влезот на мост Сарај околу 15 часот и ќе продолжат да се движат по ул. „Ѓорче Петров“, бул. „Партизански одреди“, бул. „Илинден“ во продолжение по бул. „Гоце Делчев“ десно по ул. „Филип Втори Македонски“ десно по ул. „11 Октомври“ па се до плоштадот „Македонија“. Од страна на сообраќајната полиција ќе се преземаат соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и физичко регулирање на сообраќајот.
Со почеток во 20 часот и 45 минути на Националната арена „Филип Втори Македонски“ ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар во рамките на квалификациите за Европското првенство помеѓу репрезентациите на Македонија и Шпанија. Поради очекуван зголемен интензитет на сообраќајот ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот, односно од 16 часот ќе биде затворен за сообраќај дел од улицата „Аминта Трети“ и тоа на потегот на крстосницата со ул. „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“, па се до стадионот при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници. Од сообраќајната полиција апелираат сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а доколку дојдат на натпреварот да ги користат околните дозволени паркинг простори.