Актуелно
ВМРО-ДПМНЕ е за класичен мнозински систем, СДСМ за една изборна единица
ВМРО-ДПМНЕ се залага за воведување класичен мнозински систем на гласање, бидејќи тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, изјави денеска во Маврово премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Веќе долги години во Македонија имаме пропорционален систем со шест изборни единици. Од она што можам да го забележам тоа не прави никакви проблеми и системот е прилично добар. Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност. Ако се оди на промена, тогаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе класичен мнозински систем. Тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, туку и личноста на секој пратеник и сите други предности коишто ги носи овој систем коишто и многу аналитичари во државата го предлагаат, рече премиерот Груевски на новинарско прашање за коментар за предлогот на Заев за пропорционален изборен модел, односно Македонија да биде една изборна единица заедно со дијаспората.
Во однос на дијаспората тој нагласи дека клучно е таа да продолжи да има барем најмалку по еден пратеник од трите изборни единици.
– Не е поентата само тие да гласаат и нивните гласови да се разлеат во многуте гласови во Македонија и тие да немаат свој пратеник. Не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми. Тоа не смее да им се одземе. И ВМРО-ДПМНЕ ќе го застапува тој став и ќе се бориме тоа да остане. Одземањето на пратениците коишто ги делегира дијаспората преку политичките партии во Македонија е скратување на врските со дијаспората и е праќање на лош сигнал кон дијаспората која што многу и помага на Македонија во секој поглед, изјави премиерот Груевски.
За идејата за електронско регистрирање на сите гласачи во Македонија преку отисок тој рече дека е прифатлива, не само за овие туку и за сите следни избори.
– Ние немаме проблем со предложената регистрација за гласање со отисок, напротив сме за. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е да има регистрација на изборите со електронски отисок на секој гласач не само пред овие избори, туку пред секои наредни. Да има електронски отисок на секој гласач при регистрацијата и при гласањето за да не може утре некој нас да не обвинува дека илјади гласови сме украле, 150 илјади гласови биле фантомски…, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на дебарско-реканскиот крај.
Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, пак, при денешната посета на Велес изјави дека СДСМ ќе побара Македонија, заедно со дијаспората да биде една изборна единица, предлог за кој се залагаат и помалите партии.
– До нас стигнуваат укажувања, се сугерира да се променат изборните единици. Наместо шест, плус дијаспората, да преминеме на една изборна единица. СДСМ ги поддржува ваквите предлози за една изборна единица од името на демократијата, од име на правата на помалите. Тоа ќе го нотираме во преговорите кои ги водат работните групи. СДСМ може да изгуби некое пратеничко место, но добиваат граѓаните. Добиваме граѓански парламент. Даваме поддршка на моделот Македонија да биде една изборна единица. Така ќе се реши и проблемот со гласањето во дијаспората. Таа ќе гласа, а гласот ќе се брои во местото на живеење, рече Заев.
Тој појасни дека за гласањето на дијаспората, партиите кои учествуваат во преговорите под покровителство на меѓународната заедница имаат многу спротивставени ставови. Заев нагласи дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората на изборите во Македонија, но, вели, не се согласува парламентарец од странство да се биде избран со само 440 гласа, кога прагот во земјава е повеќе од 8.000 гласови.
Предлогот на СДСМ да има пропишано цензус кој би бил 80 отсто од бројот на гласови за пратеник во Македонија, или да има излезност од 6,5 илјади гласачи, и кој ќе добие најмногу гласови, тој да биде пратеник, за власта, посочува, било неприфатливо.