Актуелно
Во 15 сообраќајки вчера во Скопје, 15 повредени
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје се случиле вкупно 15 сообраќајни незгоди, од кои пет се со последица материјална штета и девет се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле 14 лица.
Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобило едно лице.
Како што информира за МИА главниот инспектор Сашо Дамјановски од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број на прекршоци.
Единаесет возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, еден возач го управувал возилото под дејство на алкохол и е исклучен од сообраќај. Тројца возачи не ги почитувале правилата за првенство на минување на возилата во зона на крстосница, четворица возачи поминале на црвено светло на семафор и шест возачи за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон. Затекнати се и 37 возила кои биле непрописно паркирани.
Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 42 возила.
Во делот на превентивните активности во рамките на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, Одделот за превенција при СВР Скопје ќе одржи едукативни работилници со учениците од второ одделение во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, кое се наоѓа на територијата на општина Ѓорче Петров. Со учениците од трето и четврто одделение од ОУ „Лазо Ангеловски“, општина Аеродром, во рамките на проектот „Едукативен автобус“ ќе одржи едукативна работилница во автобус на ЈСП кој ќе се движи на релација во централното градско подрачје.