Вести
Во 200 автобуси на ЈСП систем за автоматска локација и електронска наплата
Системот за автоматска локација и електронска наплата, што се инсталира во автобусите на ЈСП- Скопје, треба да функционира од септември годинава. Досега опремата е инсталирана во 200 од планираните 384 автобуси на ЈСП. Ќе бидат опфатени и 116 автобуси на приватни превозници.
Тоа го најави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски при денешниот увид на инсталирањето на системот во автобазата на ЈСП во Автокоманда.
За реализација на проектот Град Скопје ќе издвои околу 3 милиони евра. Граѓаните ќе можат да користат еден билет за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП.
– Овој систем овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, како и можност на благовремени корекции и намалување на времето на чекање согласно со моменталните случувања во сообраќајот на градските улици, како и добивање реална слика за бројот на превезените патници по категории, изјави градоначалникот Трајановски.
Системот, појасни, дава можност за воведување нови типови билети, со можност за преседнување од еден во друг автобус, односно од една линија на друга линија, со ограничено времетраење, зонски, дневен, неделен, викенд билет…. Ќе почне да функционира со постојниот тарифен систем, а во иднина постепено ќе се премине на нов тарифен систем.
– Средствата од продажбата на автоматските билети ќе ги добива Градот Скопје, а на превозниците Градот ќе им префрла средства по поминат километар. Се надеваме дека со воведувањето на овој современ систем ќе имаме целосна контрола на редот на возење на автобусите, информира Трајановски.
Според директорот на ЈСП Скопје, Игор Јанушев, со инсталирање на системот на граѓаните ќе им се понуди побрз, поквалитетен и побезбеден превоз. Најави воведување три типа билети, односно електронска картичка, којашто граѓаните ќе може да ја користат и во приватните и во автобусите на ЈСП, персонализиран билет, кој ќе биде со фотографија и лични податоци и билети- службени легитимации. Јанушев најави дека системот пробно ќе се пушти во текот на јули и август.
Според најавите, ќе може да се плаќа со мобилен телефон, во готово, со кредитна картичка и со смарт картичка. На граѓаните ќе им бидат на располагање 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картичките. Исто така, на автобуските стојалишта треба да има над 50 информациски дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија. На веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе има и планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места со користење на јавниот превоз.