Актуелно
Во Делчевско пронајден машки труп во распаѓање
Во атарот на делчевското село Петрашевец утрово е пронајден машки труп во распаѓање. Според информацијата од Итната медицинска служба во Делчево, станува збор за 90-годишниот Мирко Стоичов од делчевски Петрашевец чие тело по пријава на негов роднина, е пронајдено утрово во близина на семејната куќа, каде што живеел заедно со својата стара сопруга.
Лекарите кои беа на увид истакнуваат дека телото било во распаѓање, а смртта, најверојатно, настапила од срцев удар, а стариот на местото каде што паднал, лежел мртов повеќе од три дена, при што поради високите температури, неговото тело било во распаѓање, но и видно оштетено од животни.
Настанот го потврдија и од СВР Штип. Портпаролката Гордана Панајотова истакна дека надлежните служби извршиле увид, а според првичните информации, врз телото нема траги на насилство.