Актуелно
Во изминатото деноноќие 14 сообраќајки, потешко повредени пешак и возач
Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 14 сообраќајни незгоди. Две лица се потешко повредени, пет полесно, а причинета е и материјална штета.
Потешко е повреден пешак во сообраќајна незгода што се случила околу 15 часот и 10 минути на ул. „Ангел Динев“ наспроти ОУ „Димо Хаџидимов“. Во незгодата учествувале автомобил „шевролет авио“ и пешак, кој се здобил со повреди и со возило на Брза помош бил пренесен во Ургентен центар каде му се констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на натамошно лекување.
Возач се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што се случила во 21 часот и 20 минути на ул. „Борис Сарафов“. Во незгодата учествувале автомобил „фиат браво“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и автомобил „фолксваген голф“ со бугарски национални ознаки, управувано од граѓанин на Скопје. Со тешки телесни повреди се здобил возачот на „фиат бравото“, а со телесни повреди возачот на „фолксваген голфот“.
Во осум сообраќајни незгоди полесно повредени се пет лица, од кои двајца возачи на патничко моторно возило, еден сопатник и двајца пешаци. Причинета е и материјална штета.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје денеска ќе одржи едукативни работилници во централното и подрачното ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ кои се наоѓаат на подрачјето на општина Кисела Вода со учениците од второ и четвртtо одделение.
Во сабота со почеток во 21 часот во „Метрополис арената“ ќе се одржи концерт, а со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на Лигата на шампионките ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу ЖРК Вардар и Хипо, Австрија.
Во недела со почеток во 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на Лигата на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и Барселона, Шпанија. Од причини што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот ќе биде воведен посебен режим на одвивање на сообраќајот, односно од 14 до 20 часот ќе биде затворен за сообраќај бул. „АСНОМ“ на потегот со крстосницата со бул. „Србија“, како и ул. „Васко Каранѓелевски“ од крстосницата со бул. „Јане Сандански“ према СЦ „Јане Сандански“. Од сообраќајната полиција апелираат граѓаните кои ќе дојдат на ракометниот натпревар да ги почитуваат знаците и наредбите коишто ќе им бидат давани од страна на сообраќајни полициски службеници, а доколку дојдат со возило да го паркираат на околните дозволени паркинг простори.