Актуелно
Во петок затемнување на Сонцето: Затемнувањето во Скопје ќе започне во 9:38 часот
Во петок ќе се случи сончево затемнување видливо во Европа и Северна Африка, кога Месечината ќе се најде во линија меѓу Земјата и Сонцето.
Затемнувањето ќе започне во 7:15 часот по Гринич и ќе биде видливо од различни локации до 11:55 часот. Најдолгото затемнување ќе трае две минути и 47 секунди и ќе биде видливо на Фарските Острови.
Во Македонија затемнувањето ќе започне во 9:38, а ќе трае до 11:55. Максималното затемнување, околу 45% покриеност, ќе се случи во 10:46 по локално време.
Кога затемнувањето ќе напредне ќе се намали и температурата. Небото ќе станува се потемно, а светлината која ќе биде присутна ќе биде со чудна боја, буквално како на филм.
Затемнувањето за Скопје започнува во 9:37:56, максимумот ќе биде достигнат во 10:45:10, а затемнувањето завршува во 11:56:34. Сите заинтересирани за овој настан ќе можат и да го погледнат одблиску преку телескопите на Скопското астрономско друштво на градскиот плоштад во Скопје.
Целосното затемнување на Сонцето кое ни се приближува, и кое воедно ќе биде најголемото во Европа од 1999-тата година, ќе блокира повеќе од 90 отсто од Сончевата светлина над одредени делови на Европа, а овој настан ќе се случи на 20-ти март и ќе трае околу околу два часа, додека максималното затемнување ќе трае нешто помалку од три минути.
За жал, од Македонија нема да се гледа тотално затемнување. Таа привилегија ќе ја имаат само жителите и посетителите на Фарските острови и на островите Свалбард на крајниот север на нашата планета.
Експертите проценуваат дека затемнувањето на Сонцето би можело да предизвика проблеми во работата на соларните електрани со што сериозно би бил загрозен европскиот електроенергетски систем.
Според нив, при стартот на затемнувањето би можело да дојде до драстичен пад на производтсвото на струја за дури 34.000 мегавати, што е приближно еднакво на произвоството на електрична енергија во 80 просечно големи класични електроцентрали.
Во пресрет на еден од најзначајните природни феномени, фановите на селфи фотографии добија специјално предупредување: во никој случај да не си прават селфи фотографии со затемнувањето на сонцето, бидејќи тоа е исклучително опасно.
Според експерти, цитирани од весникот „Дејли Мејл“, тоа може да доведе до трајно оштетување на очите.