Актуелно
Во Скопје одбележан Денот на планетата Земја (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Градот Скопје и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ (Go Green) денеска во Градскиот парк го одбележаа 22 Април – Денот на планетата Земја.
На просторот околу Школката во Градскиот парк беа поставени три штанда, а волонтери-средношколци од средните училишта на Град Скопје на минувачите им делеа картички со еколошки пораки и семиња од босилек и од пркос. Во зелениот појас пред Школката, пак, беа засадени шест зимзелени садници – туи.
На Денот на планетата Земја – 22 Април во светот се организираат многубројни настани чија цел е да се подигне јавната свест за заштита на животната средина и природата и потребата од одржлив развој.
Одбележувањето на овој значаен датум од еколошкиот календар на светско ниво годинава се одвива под мотото „Дрвја за Земјата“.
Овој ден годинава е особено значаен поради тоа што во Њујорк светските лидери ќе го потпишат „Парискиот договор за клима“ кој дава стратешка ориентација за намалување на емисиите на јаглероддиоксид и фокус кон обновливите извори на енергија.