Актуелно
Во Скопје вчера 11 сообраќајки, 8 повредени, пајакот отстранил 77 возила
На подрачјето на Град Скопје во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција извршила увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди.
МВР денеска соопшти дека од вкупниот број сообраќајни незгоди пет се со последица материјална штета и пет се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, четворица сопатници и двајца пешаци.
На крстосницата од ул. „Перо Наков“ и бул. „Киро Глигоров“ се случила сообраќајка со последица тешка телесна повреда во 2 часот и 30 минути во која учествувало патничко моторно возило „опел астра„ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје кој со возилото излегол десно од коловозот и удрил во метален билборд. Во незгодата со повреди се здобил возачот кој со возило на Брза помош бил пренесен во Ургентен центар каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување.
Од страна на сообраќајната полиција вчера се откриени и санкционирани се 29 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Пет возачи не отстапиле првенство на минување на возилата во зона на крстосница, односно поминале на црвено светло на семафор, како и осум возачи кои не го користеле безбедносниот појас или, пак користеле мобилен телефон за време на управување со возилото. Санкционирани се и пет пешаци по разни основи.
Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 77 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје денеска продолжува со предавања во средните училишта на подрачјето на градот Скопје на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и други психотропни супстанци врз безбедноста во патниот сообраќај“ на кои ќе присуствуваат учениците од трета и четврта година.
Денеска со почеток во 10 часот поранешните вработени во ОХИС ќе одржат мирен протест пред зградата на Владата на Република Македонија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување.