Вести
Вонредна состојба во Њу Делхи, училиштата затворени поради загадување на воздухот
Во Њу Делхи денеска е прогласена вонредна состојба поради загадување на воздухот. Градските власти побараа затворање на сите основни училишта.
На веб страницата на Амбасадата на САД беше објавено дека нивото на ПМ-честичките е 703, што е двојно повеќе од 330 колку што дозволуваат законите во Индија. Локалните власти предупредуваат за влошување на условите во наредните денови.
Индиската лекарска асоцијација објави вонредна состојба и побара од градските власти „да направат сѐ што е можно за да се справат со таа опасност“.
Заменик министерот задолжен за Њу Делхи, Маниш Сисодиа нареди затворање на сите основни училишта денеска и утре.
– Решивме да ги затвориме основните училишта. Ќе ја следиме ситуацијата од час во час за да утврдиме дали мерката треба да се продолжи, изјави тој.
Речиси два милиона ученици се запишани во основните училишта во Њу Делхи, според владините податоци од 2015 година.
Сите активности на отворено, исто така, се забранети во главниот град.
Светската здравствена организација во 2014 година го рангираше Њу Делхи како најзагаден главен град во светот, со квалитет на воздухот полош и од Пекинг.