Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Вратата на НАТО отворена откако ќе се промени името

Вести

Вратата на НАТО отворена откако ќе се промени името

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера во Брисел на прес-конференција со премиерот Зоран Заев најави дека лидерите на Алијансата на Самитот на 11 и 12 јули ќе испратат покана до Македонија за почеток на пристапни преговори за членство во НАТО.

По различните толкувања во јавноста околу процедурата за зачленување на Македонија, Столтенберг ги појасни чекорите за полноправно членство – успешен референдум за Договорот со Грција останува клучен услов, но Македонија веќе ќе учествува на сите состаноци на НАТО и пред полноправното членство.

На претстојниот Самит на НАТО на 11 и 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за започнување на пристапните преговори со Алијансата, ова е неодминлив услов низ кој поминале сите претходни земји членки, појасни Столтенберг.

По заокружувањето на пристапните преговори ќе биде потпишан Протокол за пристапување кој потоа треба да биде ратификуван од  парламентите на сите земји членки на НАТО. Овој процес на ратификација е тој што одзема најмногу време.

Столтенберг посочи дека процесот може да оди многу брзо, но за тоа е неопходно да завршат сите процедури околу Договорот со Грција.

– Тоа значи дека потребните промени во Уставот треба да се направени и потоа можеме да ја поканиме земјата да пристапи под новото име, Република Северна Македонија. Навистина се надевам дека народот во вашата земја ќе ја зграпчи оваа прилика, ова е историска прилика, порача геренарлниот секретар на НАТО.

Потсети дека доколку референдумот не успее, Македонија нема да може да стане членка на НАТО.

Тој го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција, оценувајќи го како огромно постигнување и пример за другите во регионот.

– Проблемот за името беше сенка над регионот долго време, но сега договорот е пример за сите на соработка. Вратата на НАТО е отворена, а вие сте на прагот. Сакаме да ја видиме Македонија во стабилен и просперитетен регион, порача Столтенберг.

Премиерот Заев рече дека Македонија очекува да стане 30-та членка на НАТО, а нејзиното знаме да се развее на jaрболите пред седиштето на Алијансата.

Истакна дека Македонија ја чека поканата од 2008 година кога беше заклучено дека ги ги исполнува сите услови и стандарди за влез во НАТО.

Заев на својот Фејсбук профил напиша „Го видовме нашето место на мапата членки на НАТО. 30-тото место е за Македонија. 30-тиот јарбол е за македонското знаме“.

Пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО ќе почнат на 12 јули, со испорака на поканата. Се очекува пристапниот протокол да биде потпишан во јануари 2019, откако ќе заврши имплементација на македонските обврски од договорот со Грција, велат високи владини извори за МИА.

Од тој момент Македонија ќе учествува во сите структури на НАТО и добива столче на главната маса на Северноатлантскиот совет. Македонија ќе биде сместена на масата до Норвешка.

Една до една и пол година отприлика се потребни за ратификацијата на договорот за пристапување во парламентите на сите земји членки на НАТО.

На Самитот на 12 јули ќе има церемонија за врачувањето на поканата кон Македонија.

Македонија ќе биде дел од работните состаноци на Самитот.

Летово ќе добие план за пристапните разговори, а НАТО ќе испрати и експерти за таа потреба. Сега останува само Македонија да ги спроведе обврските од договорот со Грција.

Во меѓувреме, собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека на 5 или на 6 јули ќе биде закажана собраниската седница на која треба повторно да се гласа за Договорот со Грција за името.

Премиерот Заев, во исто време во интервју од Брисел за МТВ рече дека очекува оти референдумот за Договорот со Грција да се одржи на крајот на септември.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, оценувајќи го најавеното приклучување на Македонија во НАТО, рече дека тоа е суверено право и одлука на земјата.

– Москва негува добри односи со Скопје, но се противи на приближувањето на Алијансата до границите на Русија. Ги цениме и одржуваме добри односи со Македонија. Се разбира, заинтересирани сме за развој на билатералната соработка. Но, што се однесува на приближувањето на НАТО и неговата инфраструктура кон нашите граници, познат е ставот на Москва за тој процес – и во тој поглед ништо не е променето, одговори Песков на новинарско прашање за ставот на Кремљ за приклучувањето на Македонија во НАТО.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Вести

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.