Силно невреме со град и пороен дожд во Скопје – УХМР најавува невреме и во текот на ноќта
Силно невреме проследено со град, ветер и интензивни врнежи од дожд го зафатија попладнево Скопје. Како што јавуваат граѓаните на социјалните мрежи, градот не предизвикал некои посериозни штети.
УХМР најавува дека до крајот на денов во северните и источните делови од земјава ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на ноќта ќе биде променливо облачно на места со врнежи од дожд и ретки грмежи.
Утре ќе биде променливо облачно, уште од претпладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови за локална појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен. УВ индексот ќе изнесува 7.