Актуелно
ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА: Претпладне сончево, попладне невреме – од утре пад на температурите!
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а доцна попладне и во текот на ноќта нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Управата за хидрометеролошки работи најави дека на места процесите ќе бидат поинтензивни со пообилни врнежи од дожд, електрични празнења и повремено засилен северен ветер, во форма на невреме со појава на град.
Утринската температура ќе се движи од 13 до 20, а дневната од 29 до 36 степени. УВ индексот ќе биде седум.
Во Скопје слично време, а кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 18, а дневната ќе достигне до 35 степени.
Нестабилноста ќе продолжи и во понеделник, особено претпладне кога дневната температура ќе опадне за 3 до 4 степени. Попладне ќе дува умерен западен ветер и облачноста ќе се намалува. Во наредните два дена ќе преовладува стабилно и сончево време со умерена облачност, а температурата ќе биде во благ пораст.