Вести
За празниците 24-часовна здравствена заштита во сите дежурни служби на ЈЗО
Министерството за здравство денеска соопшти дека за време на новогодишните празници ќе биде обезбедена 24-часовна здравствена заштита во сите дежурни служби при јавните здравствени установи низ државата.
Во градот Скопје, за време на новогодишните празници, почнувајќи од денеска во 19:30 часот до понеделник 4 јануари ќе биде обезбедена 24-часовна здравствена заштита во осум дежурни пунктови во поликлиниките Ѓорче Петров, Чаир, Бит Пазар, Ченто, Шуто Оризари, Драчево, Јане Сандански и Идадија.
Дополнително, за време на новогодишната ноќ ќе бидат ангажирани вкупно 12 екипи на Итната медицинска помош при Здравствен дом Скопје, во следните шест пунктови: Букурешт, Чаир, Јане Сандански, Драчево, Ѓорче Петров и Ченто.
Редовно ќе функционираат и дежурните служби при клиниките во рамки на Клинички центар – Скопје, како и Ургентниот центар при Градската општа болница „8 Септември“.
Министерството за здравство потсетува на препораките за умерено конзумирање храна и алкохолни пијалоци за време на новогодишните празници, со цел избегнување појава на здравствени потешкотии. Лицата кои ќе престојуваат подолго време на отворено, потребно е да носат топла облека и да конзумираат топли напитоци.
Од Министерството потсетуваат дека возењето во алкохолизирана состојба е забрането и опасно по животот на самите возачи, нивните сопатници, а претставува потенцијална опасност за сите останати учесници во сообраќајот.