Вести
Заев: Грижа за граѓаните без поделби
Да подадеме рака секому, доста ни беа поделби, истакна во обраќањето пред седиштето на СДСМ премиерот Зоран Заев по изборот на новата Влада во Собранието.
Имам чест, нагласи, да водам слободарската нова реформска Влада.
Истакнувајќи дека народот очекува многу од новата Влада на избраните министри во неговиот кабинет им порача да водат грижа за граѓаните и да бидат нивен сервис.
-Ќе има успешност и секој ќе почувствува ако имаме разбирање меѓу себе, ако си подаваме рака на сите нас со сите различности во оваа наша шарена Македонија оти немаме ни друга татковина. Апелирам до оние на повисоките функции, до оние веднаш после нив и до оние до најниските функции да ми водите грижа за граѓаните оти ќе има оставки и разрешување. Да бидете сервис за граѓаните, рече Заев.
Денеска во Парламентот, оцени, беше изгласан одличен добар тим. Можеби не е најдобриот тим, има и подобри и послаби. Но, излеговме со решенија на луѓе коишто се бореа рамо до рамо со нас и вгнездена им е вербата како на сите нас. Тоа е насушно потребно за да знаат дека мора да вратат, дека мора сите да ја почувствуваат и слободата и демократијата, и правдата и иднината, ама да почувствуваат благодет и дома и на семејствата. Да отвориме работа за младите, да најдеме егзистенција за оние коишто најтешко живеат, истакна премиерот Заев.
Во извршувањето на функциите, посочи, ќе се однесуваме понизно заради тоа што сме вашиот репрезент.
– Ние сме поразлични од оние коишто досега ја водеа Македонија. Ние сме вистинските граѓани на Република Македонија. Да запре омразата и делбите во нашата земја. Доаѓа ново време и живот за сите, рече премиерот Заев.