Актуелно
Заев: „Груевски се обидел да ја сокрие вистината за убиството на Мартин Нешковски“
Во објавените разговори на денешната прес-конференција на СДСМ, може да се слушне дека првообвинетиот припадник на МВР, Игор Спасов го претепал до смрт 22-годишниот Нешкоски на 6 јуни 2011 кога ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, а првите луѓе на МВР, УБК премиерот, како што вели лидерот на СДСМ, се обидуваат да го прикријат случајот.
-Прикривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на припадник на единицата за специјални задачи, доаѓа директно од највисоките структури на МВР, кројат планови, вистината никогаш да не се дознае, се со цел да се заштитат партиските интереси, истакна Заев.
По објавувањето на прислушуваните телефонски разговори на високи функционери, според кои, убиството на Мартин Нешкоски, го извршил полицаец на должност, неговиот брат, преку социјалните мрежи повикува на протест пред Владата.
„Протест пред Влада во 17 часот за командна одговорност. Монструмите на власт и дел од функционерите во институциите ќе се соочат со народ кој ќе ги натера да одговараат институционално“, пишува Александар Нешкоски.
Додека траеше судењето на полицаецот Игор Спасов, семејството на Мартин Нешкоски бараше, него да му се суди како на службено лице на должност кое изршило убиство, а не како на физичко лице.
Во 29 `бомба` на опозицијата, диркторт на УБК, Сашо Мијалков, признава дека Спасов бил на должност за обезбедување на просторот, во времето на убиството.
Игор Спасов за делото беше осуден на 14 години затвор. Тој го уби Мартин Нешкоски, ноќта по изборите во 2011 година, на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на централниот скопски плоштад.
По овој настан со месеци група граѓани, во најголем број млади, протестираа и бараа објаснување, зошто за убиството МВР молчеше два дена.