Актуелно
Заев: Oставка на Груевски и избори со нова Влада
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес-конференција изрази задоволство од постигнатиот договор на лидерската средба, на која, меѓудругото, беше договорено одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април следната година.
– На 24 април 2016 година ќе се одржат предвремени парламентарни избори што ги бараше опозицијата, на коишто граѓаните на Македонија, на слободни, фер и демократски избори ќе ја изберат новата власт, изјави Заев.
Заев рече дека со денешниот договор се потврдило се што неговата партија и коалициските партнери го посочиле во проектот „Вистината за Македонија“.
Посочи дека премиерот Никола Груевски ќе поднесе оставка до крајот на годината, а изборот на новата влада ќе биде најдоцна до 15 јануари. Премиерот на преодната влада ќе го избира ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ, информираше Заев, влегува во пет министерства.
– СДСМ ќе го предложи новиот министер за внатрешни работи. Покрај МВР, СДСМ ќе предложи и министер за труд и социјална политика. Во министерствата за финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество, СДСМ ќе назначи заменици-министри со право на вето, изјави лидерот на опозициската партија.
На 15 септември е предвидено да биде избран специјален обвинител кој ќе биде задолжен да спроведе истрага за содржините, доказите и аргументите од прислушуваните телефонски разговори.
– Новиот јавен обвинител со целосни автономни овластувања ќе ги добие материјалите каде што на транспарентен начин треба да бидат процесуирани, паралелно преку собраниските комисии, исто така нивната содржина ќе биде достапна до јавноста. Најважно од се е што ќе има правна последица по сите докази и аргументи, рече Заев.
Опозицијата на почетокот на септември ќе се врати во Собранието и, како што кажа, активно ќе учествува во целосно спроведување на сите сегменти од постигнатиот договор.
Во документот што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии, како што вели Заев, не постои ниту пак се разговарало на маса дека преодната влада би преговарала за решение на спорот за името.
СДСМ најави дека на својата веб-страна ќе го објави постигнатиот договор на лидерската средба на која присуствуваа и еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан.