Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Заев побара од Иванов повлекување на помилувањата и неотповиклива оставка

Актуелно

Заев побара од Иванов повлекување на помилувањата и неотповиклива оставка

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска испрати писмо до претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во кое бара од него веднаш да ги поништи одлуките за помилување од 12 април и да отвори пат за враќање на демократските процеси во земјата.

– Со Вашиот непромислен и послушнички акт да донесете одлука за општо помилување со кое се прекинуваат сите кривични постапки против политичари коишто се поврзани со политичката криза и аферата прислушување уште повеќе ја продлабочивте политичката и општествена криза која длабоко ја зафати нашата земја. Одлуките за помилување донесени на 12.04.2016 година претставуваат невиден преседан со кој нагрубо ги прекршивте Уставот и законите во Република Македонија, го погребавте Договорот од Пржино и ги рушите преспективите за враќање на правната држава, вели Заев во писмото.

Тие одлуки, додава Заев, се доказ дека Вие ја злоупотребивте својата функција и надлежностите како претседател на државата и им нанесовте сериозен удар и штета на евроатланските перспективи на Република Македонија.

Во писмото лидерот на СДСМ вели дека постапувањето на Иванов е дискриминаторски и создава поделба меѓу граѓаните и тоа на политичари се ослободуваат од одговорност за тешки кривични дела и останати граѓани кои подлежат на казни и на минорни кривични дела.

– Покрај ова, Ви укажувам и дека одлуките за помилување ги донесовте надвор од законските норми, без да имате законски основ за тоа. Членот 11 од Законот за помилување од 1993 година на кој се повикувате, веќе не е во сила. Таа одредба која му овозможуваше на шефот на државата по исклучок без спроведена претходна постапка да ослободува од гонење одредени лица за сторени кривични дела беше укината со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Со одлуката на Уставниот суд, за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, Законот за помилување стана нефункционален и не дава можност претседателот на државата да врши помилување без спроведување постапка, бидејќи укинувачката одлука на Уставниот суд не може да ги „оживее“ првобитните одредби на Законот и да ги врати во сила. Тоа е темелен постулат на првото образложен уште од „таткото“ на уставното судство, Ханс Келзен, а тоа Вам како професор требало да Ви биде познато, вели Заев.

Тој додава дека во ситуација на создадена правна празнина само Собранието може да го регулира прашањето на помилувањето, со измени на законот или со нов закон, што досега не е направено.

– Вие не смеете самоволно да си ги проширувате надлежностите и да помилувате надвор од законската рамка, бидејќи согласно член 84 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, помилувањето се дава во согласност со закон. Вашите одлуки за помилување од 12 април 2016 година се штетни и спротивни на државните интереси и формално-правно ништовни бидејќи се донесени спротивно на членот 84 од Уставот на Република Македонија и на одредбите од Законот за помилување, се наведува во писмото.

Лидерот на СДСМ посочува дека Иванов и во 2009 година повлекол одлука за помилување на Ламбе Арнаудов.

– На целата јавност и е јасно, а верувам и Вам треба да Ви стане јасно дека Вашиве најнови помилувања имаат не само „техничка“ туку и „суштинска грешка“, со што имате уште повеќе причини грешката да ја исправите. Секако, исправањето на грешката нема да Ве амнестира Вас лично од одговорност за противуставните и противзаконските акти на помилување кои ги донесовте со што нанесовте штета на државните интереси на Република Македонија и ја продлабочивте политичката криза, вели Заев во писмото до претседателот Иванов.

Тој го повикува Иванов да си поднесе неотповиклува оставка. – Прекинете ја агонијата и постапете барем една во животот државнички: поништете ги одлуките за помилување од 12.04.2016 и поднесете неотповиклива оставка на функцијата која ја узурпиравте на недемократски и наместени избори, вели на крајот од писмото лидерот на СДСМ.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.