Вести
ЗАЕВ: Во најкраток рок ќе се обидеме да составиме влада
Мандатарот за составување на новата влада Зоран Заев денеска по добивањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов изјави дека во најкраток можен рок, за десеттина или помалку дена, согласно Уставот, Деловникот и законите ќе се обиде да го состави владиниот кабинет.
Најави дека веднаш по добивањето на мандатот ќе разговара и преговара со партиите ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса, кои ги дадоа своите потписи за да се докаже дека дека е обезбедено мнозинство во Парламентот и истакна дека поскува сите да бидат дел од новата Влада.
Ќе се обидеме, рече Заев, максимално да го скратиме периодот којшто е предвиден во Уставот за формирање влада, а тоа се 20 дена, и ќе се потрудиме за 10 или за помалку од 10 дена да го создадеме владиниот кабинет и да ја доставиме владината програма и предлогот за влада до Собранието на Република Македонија.
Заев рече дека ќе преговара со ДУИ, Алијансата на Албанците и БЕСА и оти посакува сите тие да бидат учесници во новата влада. Истакна дека ќе контактира и разговара и со ДПА, но како што рече, рано е да каже дали со нив ќе преговара.
– Изјавата за гаранциите ја ветив после немилите настани, односно црниот 27 април коишто сите сакаме никогаш да не се повтори. Тогаш упатив порака дека сум подготвен да дадам гаранции до Иванов и да ја отстраниме и оваа пречка се со конечна цел да ги запазиме праксите и процедурите за да биде исполнет свечениот, церемонијалниот и формалниот чин на врачување на мандатот и да прејдеме кон формирање на влада, рече Заев.
Тој во изјава за медиумите се обврза дека новата влада ќе биде проевропска и ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани со почитување на мултиетничноста и Охридскиот договор.
– Ќе работам, како и досега, со целото срце и да ги оставиме разликите, омразата и деструктивните политики. Се обврзувам дека ќе работам со сите и новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Како мандатар и иден премиер се обврзувам дека новата реформска влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме да изградиме правда и правна држава, да обезбедиме услови за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија со меѓусебно разбирање, кон почитување на мултиетничноста во државата и Рамковниот договор. На овој начин само ќе ги отвориме вистинските перспективи на граѓаните и на современа, модерна и евроатлантска Македонија, истакна Заев.
Додаде дека сите во Република Македонија се потребни во тој процес бидејќи, како што рече, нашата иднина и иднината на нашите деца е во прашање.
– Ќе работам како и досега со целото срце верувајќи во сплотеноста и затоа испраќам порака да ги оставиме разликите, изолацијата, омразата, нетрпението, деструктивните политики ни ги уништија животите. Се обврзувам пред вас со сите вас новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Заедно ќе создадеме правна држава, држава на слободни граѓани. Овој ден е нов почеток за Македонија. Почнуваме да градиме општество со еднакви шанси за сите, истакна претседателот на СДСМ.
Тој верува и се надева дека сите одлуки во иднина ќе бидат носени низ дијалог и со договор, а на тоа, како што рече, упатува и учеството на претставниците на политичките партии на работни средби, како таа во саботата во Парламентот. – Јас сакам успешен мандат, а за тоа ми е потребна соработка со идната опозиција. Работам на тоа да имам разбирање и за причините на опозицијата, за нивните аргументи, со конечна цел да се носат одлуки низ институциите во Република Македонија, истакна тој.
Одговарајќи на новинарско прашање Заев истакна дека постои договор меѓу партиите локалните избори да се одржат на 15 октомври. За тоа, рече потребно е да се формираат Законодавно-правната и Комисијата за политички систем за да може во брза постапка да се пуштат законските измени за да се дефинира датумот 15 октомври како датум за локални избори.
Тој вели дека за него не е спорно измените на овие закони за локалните избори да се направат и пред да се формира новата влада заради тоа што, како што рече, ако се усогласат сите работи не треба да го условуваат работите една со друга, туку процесите треба да течат.
Во однос на укинувањето на екстерното тестирање со кое се опфатени учениците од основното и средното образование, Заев рече дека тоа е дадено ветување пред граѓаните и оти се надева дека пред првиот екстерен испит со одлука или со закон ова тестирање да биде отстрането.