Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Заврши акцијата во Куманово: Терористите елиминирани и неутрализирани

Актуелно

Заврши акцијата во Куманово: Терористите елиминирани и неутрализирани

Операцијата за разбивање на терористичката група во кумановската „Дива Населба“ е завршена. Групата која е стационирана во неколку објекти и претставуваше закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија е целосно неутрализирана и елиминирана, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котески.

Станува збор, потенцира тој, за една од најопасните терористички групи кои беа закана за целиот регион и која изминативе години беше инволвирана во бројни напади, а нејзините членови беа предмет на меѓународни потерници за најтешки кривични дела.

Во првичните разговори со лицата кои се предале на полициските сили, за што вчера соопшти МВР, дел од нив посочиле дека групата започнала да влегува и да се утврдува во земјава на почетокот на месецов, подготвувајќи се кон средината на мај да отпочне со терористички напади кон цивилни и државни цели.

Според сомненијата, како што информира Котески, лидери на групата се озлогласените Мухамед Красниќи т.н Малишева, Мирсад Ндрецај т.н. командант Нато, Сами Укшини т.н. командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Дем Шеху, алијас Јунику, сите косовски државјани.

– Сите петмина се косовски државјани и се доведуваат во врска со формирање бројни терористички и екстремистички групи во регионот, односно фигурираат како основачи на паравоени структури. Според првичните сознанија, тројца од нив синоќа и се предадоа на полицијата, но сеуште се работи на потврдување на нивниот идентитет, истакна портпаролот на МВР.

На лице место досега се пронајдени 14 тела во униформи чиј идентитет дополнително ќе се утврдува. Засега е препознаен Џафер Зумбери од Џаковица.

– Во моментов не може да се исклучи дека има и други загинати терористи со оглед на фактот што објектите од кои ја напаѓаа полицијата се значително оштетени и можно е во други простории кои дополнително треба да се проверат да има други тела, рече Котески.

Информира дека е пронајден голем арсенал оружје кој ќе биде предаден на вештачење. Вчера, додаде, на полициските сили им се предале повеќе од 30 терористи, главно македонски државјани, но и еден албански.

– Тие се предмет на обработка на службите и против сите нив ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Дел од овие лица, македонски државјани, и претходно се кривично гонети за најтешки кривични дела како убиства, разбојништва, тешки кражби и други дела од областа на насилниот криминал, рече Котески.

Портпаролот на МВР потврди дека во акцијата загинаа осуммина полицајци и се повредени над 37. Информира и дека засега нема податоци за евентуални жртви од цивилното население.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.