Вести
Жените еднакви со мажите според закон, но не и во пракса
Жените во Македонија имаат еднакви права како и мажите. Напишани се и предвидени во законски прописи, но нивната имплементација и фактичката состојба се многу поинакви. Жените работат повеќе од мажите и не стигнуваат на повисоки работни позиции.
Најголема е разликата во делот на сиромаштијата и насилството. А и еден век по кревањето на гласот за остварување на правата, се уште треба да се разговара за истите прашања – работното време и платите.
– На законска основа во Република Македонија скоро во сите области постојат еднакви можности на жените, започнувајќи од 1945 година кога им е дадено првото на глас. Тоа значи, има право на глас, има право на работа, има право на плата, има право на годишен одмор, едноставно има право на се. Но, фактичката состојба е нешто поинаква. Зошто е таа таква, ние можеме од анализите да утврдиме што всушност придонесува да не е таква и покрај законите што постојат. Имаме еднакви можности за образование, имаме поголем број запишани девојки на универзитетите од момчиња, имаме повеќе жени со високо образование, имаме повисок процент на жени магистри и жени доктори на наука. Но, сиот тој процент и сета таа маса на жени со еднакви права понатаму на повисоките позиции ги нема. Во Парламентот и на на локално ниво во советите, има квота 30-35 проценти. Но, имаме градоначалнички во само шест од 80 општини. Во надзорни одбори, во управни одбори каде се донесуваат одлуки, жените се во минимален процент, а во дипломатијата нема ниту 10 проценти жени. Ако ги земеме судовите, повеќе вработени се жени, но на високите позиции се повторно мажите. Во здравството повеќе се застапени жените како медицински сестри, докторки, но министри и на на високи позиции и во управни одбори, се мажи. Ако го земеме образованието се случува истото учителки, негователки, воспитувачки, наставнички, секаде, повисок процент се жените, но одеднаш имате на високи позиции повторно мажи. За среќа, во овој период имаме жена министерка за образование, вели Савка Тодоровска претседателка на Националниот совет за родова рамноправност.
Според неа, ова говори се уште за нееднаквост на можности, нееднакви шанси и нееднаква пристапност на жените и мажите во РМ.
– Таа е фактичката состојба. Имаме право на живот без насилство. Со ниту еден закон не е кажано поинаку, но повторно имаме 95 проценти од пријавените жртви на родово базираното насилство, односно на семејното насилство жени наспрема само пет проценти мажи жртви на насилство. Тоа зборува, исто така, за нееднаков третман. Тоа значи дека кај нас во РМ не се применуваат законите и нееднакво се третираат жените. Се уште постојат стереотипи и предрасуди за местото и улогата на жената во семејството и во општеството, истакнува Тодоровска.
Жените посиромашни, примаат пониска плата, немаат еднаков третман при вработувањето
Дискриминацијата на прво место кај жените е во насилството, потоа платите, работните услови и немањето еднаквост при вработување на жените.
– И покрај тоа, дури и во закон е кажано како не треба да се постапува работодавачи при интервју за вработување поставуваат прашања дали сте мажена, дали планирате семејство, дали планирате да имате деца, ако имате деца кој ќе ви ги гледа, значи тоа се прашања коишто говорат за една нееднаквост на пристапот, односно за дискриминација. Второто доаѓа со платата. За еднаква работа се добива третина од вкупната сума што ја заработуваат мажите и тоа е со години и децении непроменето, потенцира Тодоровска.
Даниела Димитриевска од Македонско женско лоби посочува дека сиромаштијата генерално има женски лик и оти жените се посиромашти, отколку мажите.
– Жените повеќе работат од мажите во смисла на тоа дома кога се враќаат освен тоа што работат на работа, дома работат многу повеќе, одгледуваат деца, одгледуваат стари, семејство, работат домашни работи и слично. И тоа е гоелма пречка за целосна исклученост од социјалниот живот. И кога се исклучени од социјалниот жвиот, да речеме тешко може, со такво темпо на работа да се напредува во политиката, бидејќи политиката е во некое слободно време условно кажано, вели Димитриевска.
Според законите, потенцира, и се дадени еднакви можности на жената, како и на мажот, но прашањето е колку пречки повеќе и се ставени на жената, а колку олеснувања на мажот во оставувањето на правата. Меѓу нив ги наведува начинот на кој живееме, патријархалниот тип на живот во кој од мали не учат и ни ги даваат улогите што се очекува од жената, а што се очекува од мажот.
Порачува дека законите даваат добра основа за женските права, но оти треба да се поработи на имплементацијата.
На оставарување на правата да се работи сериозно, празникот да биде потсетник
Денешниот празник сметаат дека треба да се искористи како потсетник за правата и дека треба сериозно да се работи. Порачуваат дека Меѓународниот ден треба да се одбележи свечено и работно.
– За мене 8 Март е ден потсетник на далечната 1908 година кога жените се одважиле да побараат тоа што го немало во тоа време, осум часа работно време и еднаква плата, односно зголемување на дневницата. Тоа е и денес истото што треба да се направи. Жените во конфекцијата, точно за жал, жените во кожарската индустрија и останатите се уште несоодветно се платени и се уште ако отидете со анонимен анкетен лист со којшто ќе сакате да ја согледате состојбата и да направите анализи, согледување на состојбите тие се плашат и нема да го пополнат иако е анонимен. Тоа е она за кое што итно треба да се добие самодоверба, треба да се излезе од рамките на предрасудите и стереотипите за позицијата на жените. Ние сме суштества со еднакви права и само треба да имаме еднакви можности бидејќи со самото повисоко образование и поголемиот процент којшто го имаат жените тие докажуваат дека имаат капацитет и квалитет. Но, само треба да се одважат и да не прибегнуваат кон стереотипната улога на жената од времето на три генерации наназад, затоа што во 21. век треба да имаме поинаков третман и на тој начин, кога таа ќе се охрабри, ќе се осмели, ќе ја има во општеството, ќе има своја позиција повисока ќе наметне и во општеството преку политиките да има и соодветни сервиси коишто ќе помогнат на семејството, не на жената, порачува Тодоровска.
Димитриевска порачува дека 8 Март е моментот да се потсетиме на тоа дека ние треба да работиме сериозно. – Не само за жените, туку сериозно заради развитокот на државата, а жените ни се очигледно репер дека треба да се работиме малку повеќе заради тоа што тие ги носат промените. Од моето искуство од 20 и нешто години во политика секогаш сум видела дека жените носат иницијативи и прашања кои се многу битни во одреден момент во смисла на градење доверба, во градење стабилност, секогаш наоѓале заеднички јазик кога било најтешко да седат и да разговараат и да носат практични решенија не имагинарни. Од моето искуство велам жените секогаш се обидувале да најдат заеднички јазик, истакнува Димитриевска.
Свечено и работно одбележување на празникот
Празникот сметаат треба да се одбележи работно и свечено и дека не треба да се заборави за да може да се има поттик и оти секогаш има нешто повеќе што може да се сака.
Во Македонија, Меѓународниот ден на жената – 8 март се одблежува со разни активности, конференции, организирани маршеви, традиционално се даваат подароци, се организираат патувања, а и кафеаните не остануваат празни.
Жените поделени, дали треба да се празнува или не. Некои сметаат дека треба секој ден да се има почит, некои велат дека секој ден треба почит, но оти и празникот треба да се одбележи.
Млада скопјанка вели треба да се одбележува. Сака подарок нешто лично за неа како накит, чанта, парфем, а подарува на својата мајка, тетка, баба, сестра, како и на другарките.
Билјана (39) од Скопје вели дека 8-Ми Март треба да се одбележува, бидејќи тој ден жените се избориле за рамноправност, но не се согласува со трчањето по продавници и купување подароци. Смета дека тоа треба да се смени.
Го одбележува празникот во кругот на семејството без посебни прослави.
– Не сакам подароци бидејки сметам дека не е само еден ден во годината кога треба да и се посвети внимание на жената. Им подарувам само на двете баби и гледам тоа да биде нешто симболично бидејки ме нервира нашата традиција на купување секакви подароци и за секого за 8 Март. А како родител не ми се допаѓа собирањето пари и купувањето скапи подароци за наставницките што стана секојдневие кај нас, посочува таа.
– Празникот има своја големина и имам голема почит кон него, но сметам дека не треба да се комерцијализира премногу, смета скопјанката Лидија.
Посочува дека многумина го доживуваат како единствен ден кога треба да и посветат внимание на жената со давање подарок. – Не ми е потребно внимание само на 8 Март. Во зависност од можностите давам подароци на повозрасните генерации, повеќе да не им ја нарушам нивната традиција. Жената во семејството, на работа и во целото општество не заслужува посебен, туку нормален третман со почитување на нејзините потреби и амбиции, вели Лидија.
И машката популација е поделена. Некои сметаат дека треба да се одбележи некои дека жената треба да има почит секој ден.
– Не треба да се празнуваме комунистички празници. Не гледам причина зошто треба да биде токму на 8 март. Ден на жената е секој ден што ние сами ќе си го определиме, а не некој да ни кажуѕва точно кој е тој ден, вели жител на Скопје.
И друг негов сограѓанин посочува дека жената секогаш треба да биде почитувана, без посебни одбележувања, но ќе купи цвеќе на својата понежна половина.
Има и скопјани кои велат дека ќе го одбележат и подарок ќе има за понежната половина, но не откриваат што, да било изненадување.
Осми март се покажува и добра можност за дружење на жените во групни екскурзии во земјава и странство.