Актуелно
Жерновски: „Ќе слушнете колку ‘човечињата’ од Пустец имале улога во гласањето во општина Центар“
Нова „бомба“ во која се откриваат серија разговори кои сведочат за изборни манипулации во скопската општина Центар во рамките на проектот „Вистината за Македонија“ денеска презентираше градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
На аудио снимките можеше да се слушне гласот за кој Жерновски тврди дека е на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој во разговор со директорот на УБК Сашо Мијалков вели дека е подготвен „да пресели цела зграда кај Бристол, само за гласачите да не можат да излезат на гласање“.
„И денеска ќе слушнете колку ‘човечињата’ од Пустец како што ги нарекува власта имале важна улога во општина Центар која власта сметала дека мора да ја добие заради две работи: спроведување на проектот Скопје 2014 и покривање на криминалите поврзани со него. За тие криминали ние доставивме пријава до обвинителството, но до денес немаме никаков одговор“, рече Жерновски.
Тој го повтори барањето на здружената опозиција за оставка на владата, обвинителот и раководството на МРТВ и за формирање преодна влада. На прашањето како ќе стигнат до преодна влада кога власта тоа не го прифаќа, Жерновски не даде конкретен одговор, но нагласи дека опозицијата се надева дека во излезот од политичката криза ќе има помош од меѓународната заедница.
Жерновски најави дека наскоро овие презентации на опозицијата ќе продолжат низ повеќе градови во цела Македонија, за да можат сите граѓани директно да ги слушнат сведоштвата за тоа како владеела владата на Никола Груевски.