Актуелно
Жолта фаза во охридско-преспанскиот регион
Со топлотен бран од жолта (алертна) фаза денеска е зафатен охридско-преспанскиот регион. Од утре до вторник се очекува територијата на цела држава да биде зафатена со температури до 40 степени целзиусови, кои ја дефинираат жолтата (алертна) фаза.
– Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се – заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица, информира Министерството за здравство.
Сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет во однос на почитување на препораките за заштита од високи температури и информации од превентивен карактер. За таа цел мобилните едукативно-здравствени пунктови се поставени во сите градови во државата и се отворени секој ден, од 18.30 до 21.30 часот. Таму се мери крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.
На територијата на Скопје, поставени се три мобилни пунктови. Еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека во текот на ваквите екстремно топли денови, граѓаните треба да останат во затворени простории, пред се климатизирани. При неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Се препорачува да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа. При сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, потребно е почитување на следните репораки – задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба. Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата да се загрее на + 100 степени.
Граѓаните да избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.