Вести
Жолтата фаза утре и задутре, температури до 34 степени
Според најавата на Метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на утрешниот ден (5 мај) територијата на Југоисточна Македонија ќе биде биде зафатена со повисоки температури кои ја дефинираат жолтата (алертна) фаза, додекa задутре (6 мај) со температури од жолта фаза ќе биде зафатена територијата на цела држава, соопшти Министерството за здравство.
Како што се наведува, станува збор за температури до 34 степени Целзиусови, кои се повисоки за овој период од годината и потребна е посебна внимателност за заштита на здравјето на населението, заради потребниот период за адаптација кон повисоките температури.
За таа цел, стои во соопштението, потребно е да се почитуваат општите препораки за заштита од повисоки температури, а посебно внимателни да бидат постарите, хронично болни лица, кои треба редовно да ја земаат препишаната терапија.
Поради високите темеператури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, потребно е темелно миење на овошјето и зеленчукот пред нивната употреба, добра термичка подготовка на храната, задолжително чување храна во фрижидер на + 8 степени, како и избегнување консумација на лесно расипливи производи (разни кремови, мајонези, сладолед и сл). Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk, се вели во соопштението.